ТРЕСКАВЕЦ Е “ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ” СО ПАТОКАЗ

Рио, Казабланка, Париз, Рим, Токио, Њу Јорк… се дел од насоките и оддалеченоста на патоказот поставен во беспаќето во близина на манастирот Трескавец. Група планинари од друштвото Златоврв, на иницијатива на Кирил Дрзманоски, го поставиле столбот да покажи каде е “центарот на светот”. Странци го фотографираат и го ставаат на Интернет. Коментираат дека просторот е како орловско гнездо, лулка на стара цивилизација… Од столбот се отвора блескава панорамата на Пелагонија, која остава неизбришливи импресии на над 1300 метри надморска височина, на просторот со милениумска култура, крај раскошната недопрена дивина, од која очите не се одделуваат. Само пеш или со добиток се стасува до манастирската красотија. Нема прооден пат за возила. Дрзманоски кажува дека столбот го кренале на 300 метри од прилепското културно наследство – манастирот Пресвета Богодородица – Трескавец. “Центарот на светот, поур еџселанс” е манастирскиот комплекс и околината за планинарите. Поставивме патокази на десетина градови во светот со насоки и воздушна оддалеченост, според пресметки од Интернет. Се восхитуваат странци, оти им се доловува далечината на нивниот дом и град, и им се укажува на насоката. Необично ја презентираме личотијата на манастирот – вели Дрзманоски. Според него, локацијата е ритуално место. Има и остатоци од старомакедонски и римски гробници. На највисокиот рамен дел е направено тркалезно камено плато, кое, според кажувањата, има религиско значење. Некои велат дека тоа било вршник, место за вршење на жито. Сакавме таму да го поставиме, но го тргнавме настрана, да не се оштети историското богатство – објаснува Дрзманоски. Манастирот е ставен на списокот за заштита на Унеско, оти е нареден меѓу стотте најзагрозени културно – историски споменици во светот. Министерството за култура догодина ќе посвети поголемо внимание на реставрацијата и конзервацијата.

Loading