ЗАДРЖУВАЊЕ НА “СКЕЛЕТОТ”

Фудбал: Во 11 Октомври анализата даде насоки

Има место за млад напаѓач

Анализата на полусезоната во ФК “11 Октомври”, од Управата со стручниот штаб, финализираше на средбата со спонзорот, АД Витаминка. дадени се насоки. Приоритет е задржување на поголемиот дел од играчите. Есенскиот “скелет” ќе го понесе товарот и напролет. Ова подразбира задоволство од постигнатото и доверба во квалитетот на првотимците. Нема потреба од промени. Имаме добри играчи. Со потврдениот тим, одиме највисоко на табелата – вели Сашо Иваноски, претседател на клубот. Нема најава за заминувања. Клубот се трансформира од аматерски во професионален за шест месеци. Обврските се исполнуваат, ветеното е закон. Кој би напуштил со публика од три илјади на секој меч? Немаме одлука за благодарност на некој играч. Планираме да остане целиот играчки погон – потенцира Иваноски. Екипата на Николче Здравески, од третото кон првото место гледа засилено со екс – репрезентативецот Тони Мегленски, повратник од Црна Гора. Средниот ред е комплет, покрај Кулески, Ацески, Петрески, Дунимаглоски, И. Мирчески… Сите места се пополнети. Можно е да се доведе само напаѓач. Размислуваме за млад шпиц, придодаден на Гешоски, Мојсовски, Димитровски… Добро е за конкуренцијата во најистурената линија – подвлекува Иваноски. Пет дена играчите се на зимски одмор. Првиот собир е околу 15 јануари.

Тројца репрезентативци

Стоперот Филип Мирчески е трет играч на 11 Октомври, член на Аматерската репрезентација на Македонија. Први државниот дрес го носеа десниот бек Денис Димитриоски и играчот за врска Столе Дунимаглоски. Сите настапија на пријателските против Србија, во Крагуевац (0-1) и Скопје (0-2).

Loading