Во ЦК “Марко Цепенков”
Класичен концерт во чест на мега македонската и балканска ѕвезда Тоше Проевски ќе се одржи вечерва од 20 часот во Центарот за култура, во организација на фондацијата “Проевски” и “Арт 10 продукција”. За почит на Тоше ќе настапат солистите и пијанисти од македонската класична музика, тенорот Марјан Николоски, сопранот Ирена Крстеска, мецосопранот Теодора Божиноска, пијанистот Аљоша Симјановски и пијанист – корепетитор Андреј Наунов. Концертот ќе стане традиционален за потсет на делото на Тоше, кој првите почетоци ги имаше во Прилеп. На крајот од концертот ќе се емитуваат видео снимки од Тоше со изведби на класични композиции, а ќе бидат доделни благодарници. Тоше остави неизбришливи траги во историјата на македонската музика. Првпат настапи и победи на фестивалот “Мел фест” во 1996 година во Центарот за култура. Наредната година пак на тронот и заплива во водите на забавната музика, следејќи го патот на хуманоста и допирајќи со својата песна до срцата на милиони луѓе во светот.