ВЛАДО ЌЕ ЈА ЗАЗОРИ НОВАТА 2011

Естрадната ѕвезда Владо Јаневски на плоштадот Методија Андонов Ченто на 31 декември заедно со прилепчани ќе ги одбројува последните мигови од оваа година. Ќе се ужива под “магијата” на ѕвезденото небо со стилот на мајсторот на музиката на домашната сцена, познат по обидот за освојување на Русија, успехот на естрадата во Македонија, “крунисан”- со настап на Евровизија. Ќе жари и пали во најдолгата и најлудата ноќ. Прилепчани на отворено ќе пеат за “Твоите очи”, “Некогаш и негде”, “Срце преку небото”, “Ако не те сакам”, “Тајно отровна”… Владо ќе се потруди да ја крене публиката на нозе без разлика на временските прилики, изблик на песни. Какво ли ќе биде чувството да се пречека Новата 2011 и да се посака се најубаво кога стрелките ќе се поклопат ќе знаат оние кои наместо луксузни хотели и ресторани ќе го изберат плоштадот и програмата на локалната самоуправа.

Засега во “шемата” за новогодишната програма неофицијално дознаваме дека се вртат и имињата на дуетот Селимова -Желчески. Во родниот Прилеп, Ѓорѓи покрај својата преубава животна избраничка Кевсер, ќе го “распетла” грлото да се ронат македонските песни “Марија”, “Врати ми се”, “Љуби ме, љуби ме”… Ќе се разлеат љубовните народни песни кои не ги гасне и гази времето. Дуото Селимова – Желчески речиси 50 години се заедно и имаат снимено околу 220 песни. Прво работеле заедно, а потоа се вљубиле. Во Белград живеат од 1963 година. Кевсер има 65 години, а Ѓорѓи 72. Нивната најголема среќа е 30 годишната ќерка Ана, која професионално не ги наследила родителите.

Loading