ПРИКАЗ НА РАСТЕЖОТ НА ГРАДОТ

Рубин Белчески, историчар

“Фотографијата е највлијателниот медиум на модерното време. Ниеден друг начин на комуникација или изразување не успеал да влијае или да го промени начинот на размислување за себе, за животот, за општеството, како фотографијата. Тешко би можело да се замисли животот без “вечните слики”. Музеите, галериите и другите научни и културни установи дури во 20 век почнале да ја истражуваат фотографијата и да ја колекционираат како и останатите визуелни уметнички остварувања”. Ова е ставот на историчарот Рубин Белчески од Завод и Музеј, кој ја подготви изложбата “Прилеп низ стари фотографии”, поставена во ЦК “Марко Цепенков”. Изложени се 30 фотографии, извадени од депото на Завод и Музеј, Архивот на Македонија и Музејот на Македонија, со кои се запознава историјата на градот. Фотографијата не познава граници. Може повторно да ја “раскаже” својата приказна и затоа често се вели: “Една слика заменува илјада зборови. Таа е веродостоен документ на времето, во кое е создадена, огледало на едно време и визуелен преглед на развојот на еден град. Преку фотографијата, градот добива свој индивидуалитет, традиција, биографија – истакнува тој. Не е познато кога фотографијата стигнала во Прилеп. Првите фотографи направени се од браќата Јане и Никола Цапеви. Фамилијарната традиција ја продолжил синот на еден од браќата, Јордан Цапев, за кого се смета дека кон крајот на 19 или почеток на 20 век ја направил познатата фотографија на Марко Цепенков (1829 – 1920) во седечка положба покрај масичка со книги. Меѓу првите фотографи е Христо Димкароски, занаетот го совладал во Америка, а пред 1910 година дома отворил студио. Со фотографија се занимавал и Михајло Тодорчески – Мице, кој завршил фотографска школа.

Професионалци или аматери биле Јосиф (Јоска) Силјаноски – Американецот, синот Кирил Силјаноски – Киц, Димко Напески, Пане Напески, Кирил Миноски, Василе Десоски, Борис Пепељугоски, Асен Тасески, Методија Недески – Мечо. Фотографирање им било хоби на семејството Жежоски, браќата Благоја и Милан, како и синот на Милан, Борис. Студио имал и Пецо Мирчески. Методија Ристески – Метко е самоук фотограф. Доста фотографии оставил и народниот херој Кузман Јосифоски – Питу. Твореле и Гога Чутната, Тодор Крстески, Ило Бурдата… Голема улога одиграл Фото кино клубот во Народна техника, преку кој тајните ги изучувале многу прилепчани – раскажува историчарот. Стари фотографии има во многу семејни албуми, книги и други печатени изданија во Србија, Бугарија, Германија… Некои од нив се дел од изложбата. Најстарата фотографија е од 1888 година. Објавена е во книгата “Македонија и Стара Србија” на историчарот Спиридон Гопчевиќ, печатена во Белград. Таа е панорамска фотографија на градот. Изложени се фотографии од крајот на 19-век па се до 60-те години на 20 век. Се надевам дека со изборот успеав да го прикажам стариот Прилеп и неговите препознатливи обележја. Овековечени се Маркови Кули, Саат Кулата, Старата Чаршија, манастирите, црквите и џамиите, училиштата и читалиштето, улиците и мостови, куќите и хотелите, па се до фотографии од амбиентот на 50-тите години од 20-от век, на повоен Прилеп. Опфатен е период од 70-ина години, во кој градот растел и се развивал. Постои албум од околу 440 фотографии на градови од Македонија, меѓу кои и од Прилеп и населени места. Албумот “Слики на македонскиот театар на војната”, изработен е од полковник Лудвиг вон Буркел. Во него има 100-ина фотографии на објекти, поединечни и групни на непознати личности, населени места. Во 1990 година, Марлен Рајмер, од Минхен, ќерка на еден од авторите на албумот, на нашиот Музеј му подарила албум со 58 фотографии со мотиви од градот. Неколку се дел од изложбата. Тие говорат за неговиот развој, за многу личности кои оставиле печат на своето време, фотографии на објекти, цркви, манастири, улици и разни други обележја на градот – додава Белчески.

Првите фотографии во Франција

Првите успешни фотографии ги направил францускиот пронаоѓач Жозеф Нисефор Ниепс во 1826 година, со процес што го нарекол хелиографија (сонцепис). Во Париз, 1839 година, официјално, фотографијата е наречена дагеротипија, како изум на францускиот уметник и хемичар Луј Дагер. Џон Хершел, англиски математичар, астроном, хемичар и експериментален фотограф – пронаоѓач, го употребил називот фотографија. Во 1887 година, францускиот физичар Габриел Липман ја вовел фотографијата во боја по принцип на интерференција.

Loading