ХИПО ПРИЛЕП

Ракомет: Женскиот суперлигаш по европски терк

Сала, хотели, тв канал за комплет инфраструктура на Жито Прилеп

 

Универзална стана Спортска арена Сонце. Тука не е крај, туку само почеток на бран инвестиции од женскиот ракометен суперлигаш, Жито Прилеп. Клубот се обврза на кирија од 600 евра месечно, плус ддв комунални сметки. Следи разубавување на објектот. Лошата состојба во салата ја сместивме во фото документација, извршивме детален попис и стартуваме со реновирање. Прво се поставува нов паркет, после се поправа големиот семафор. Се уредува бифето, соблекувалните, каде ќе има телевизори, а гледачите ќе се послужуваат со кафе, сок, чај и производи од Жито Прилеп – најавува Оливер Деркоски, претседател на клубот. Објектот ќе биде искористен до максимум. Во под трибинскиот дел, на едната страна има фитнес сала, на другата е предвидено е локално студио од ТВ Сонце. Лесно ќе се вршат преноси или ќе се реализираат снимки за значајните натпревари. Ќе се постават елементи од дигитален тип, лед екрани како во НБА. Ќе има паноа за реклами на фирмите. Салата е на располагање за клубови, спортски школи, рекреативци за надомест. Минатото, кога 90 отсто не плаќале, тука прекинува. Предвидени се трошоци до 3000 евра месечно. Нудиме цени од 600 до 1200 денари за еден ипол час, прифатливи за сите. Мора редовно да се плаќа, да се одржува салата по стандардите – истакнува Звонко Јанков, потпретседател на Жито Прилеп. Во арената ќе се отвори продавница за спортската опрема од италијанскиот партнер “Капа”. Првиот тим од глава до петици носи два комплета од познатата фирма. Правиме нешто убаво со спонзорот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. Тој овозможи 25 илјади евра инвестиција, покрај годишниот буџет од 100 илјади евра. Сé што побаравме, е одобрено. Никогаш не рекол нé. Без него, тешко ќе опстоевме – потенцира Горан Јанков, генерален директор на АД Жито Прилеп. Претстои борба за титула и меѓународни настапи налик на славниот австриски шампион. На сцена стапува, македонскиот Хипо.

Гркинките нема да се бунат

Многумина се прашуваат дали грчкиот Арион ќе има мегдан со Жито Прилеп во Челенџ купот или пак политиката ќе спречи меч? Во Жито Прилеп се убедени дека ќе се игра. Поучени од ланските казни, кога Мегас Александрос го напушти Прилеп предвреме, поради амблемот со сонцето, не веруваме дека ќе направат втора грешка. Очекуваме сигурно да играат – вели претседателот Деркоски. Ждрепката е поволна, но за јасна слика тренерот Ристо Магдинчев ќе оди да ги гледа. Првиот меч, на 5 февруари, е во Птолемаида, а реваншот по две недели во Прилеп.

Срњакова дуплира тренинзи

Левото крило Цветанка Срњакова (18) тешко одржува форма. Поради школските обврски, не присуствува на сите тренинзи. Новиот тренер бара максимум професионализам, некогаш тренинг трае до три часа. Срњакова реши да се посвети на клубот. Веќе се запиша како вонреден ученик. Нема повеќе да отсуствува. Добро за неа да напредува – сметаат во клубот. Сите првотимки имаат договори за останување во наредните три – четири години. Клубот планира шест засилувања, првенствено голман, пивот и десен бек.

Loading