УНИВЕРЗАЛНА СТАНУВА “СОНЦЕ АРЕНА”

Жито Прилеп со своја сала

Универзалната сала конечно преминува под капата каде заслужува, кај женскиот ракометен Жито Прилеп. Формирана е служба за одржување на објектот, предводена од менаџерот Рубин Седлоски. Запуштениот објект за пет дена е исчистен, нема ни ливче. Сакаме да се врати сјајот, да заживее салата – вели Седлоски. Следуваат инвестиции. Планиран е нов паркет, поправка на семафорот, соблекувалните. Бифето за чај, сокови и производи од спонзорот ќе работи нон – стоп. Влезовите ќе заличат за убав изглед. Сала според европски стандарди, за одигрување меѓународни средби. Да биде подобра отколку кога била најубава, пред десетина години – открива Седлоски. Заинтересирани има над очекувањата. Тренираат кошаркарите на У. Баскет, подоцна се вклучуваат и ракометарките на Жито Прилеп со подмладоците, како и ракометни школи Филип и Бозаро. Добредојдени се рекреативците и малите спортови. Сите термини се зафатени. Нема слободен од осум наутро до полноќ – задоволен е Седлоски. Има идеи за ново име на објектот со 1. 500 седишта. Предлозите се чуваат во тајност. Дознаваме дека во водство, според расположението, е “Сонце арена”.

Loading