ВО ПЕКОЛОТ НА АВГАНИСТАН

Прилепчанецот Златко Ангелески четири месеци на военото поле

Не им кажав на родителите дека сум во воената зона каде секојдневно се гине, туку им реков дека сум келнер во Црна Гора 

Гинеа како пилиња и продолжуваа да напаѓаат, додека тела во крв, остануваа обесени на бодликавиот тел

Не е лесно да се работи како водоинсталатер додека виси смрт над глава, кога се алармира опасност и сместување во засолништа

 

Во потрага по иднина за своите деца, по леб за семејството, а можеби и малку авантура, многумина Македонци ги ставија “главите в торба”, работејќи во сојузничките бази во нестабилните средноазиски конфликтни земји Авганистан и Ирак. Додека се слушаат вести за секојдневни инциденти и жртви, за самоубиствени напади на исламските и талибанските фанатици, стотина наши цивили сé уште заминуваат да спечалат, работејќи како пекари, возачи, готвачи, сервисери, електричари… Надвор од воените мисии на НАТО за “сеење” на мир и демократија, нашите луѓе се принудени да го стават животот на коцка за неколку илјади долари месечно. И прилепчанецот Златко Ангелески четири месеци бил во веќе десетина години немирниот Авганистан. Вели дека работел во градежништво, бил водоинсталатер во Куманово. Бил често на релација Прилеп – Куманово. Додека околу кумановчани се кревела “температурата за ветената земја”, одлучил да го напушути работното место и да замине за пеколот на Авганистан. Сметал дека со заработувачка за една година, ќе му помогне на семејството за подолго време, зашто со 45 години нема друг попрофитабилен “гурбет”. Но, “патувањето” за подобар живот траело само четири месеци, поради семејна трагедија. Познати ми беа ризиците од работата во Авганистан, кога се пријавив да бидам водоинсталатер во некоја од десетиците бази во оваа земја на планини и пустелија. Ќе измамам ако речам дека не се плашев. Но грижата за потомството беше посилна. Таа ме натера да преземам опасен потег. Дури и не им кажав на родителите дека сум во воената зона каде секојдневно се гине, туку им реков дека сум келнер во Црна Гора. И оттаму не им кажував каде сум, кога ќе им се јавев на телефон. Знаеше само брат ми и семејството – вели Ангелески.

База покрај пакистанската граница

Како сите Македонци и тој ги поминал тестовите и документацијата. Вели дека лекарските прегледи биле небаре ќе биде космонаут, а не водоинсталатер. Дел од тестовите ги поминав во Тузла, оти задоцнив во Куманово, поради недостиг на прилепски документ. Оттаму преку Сараево, Виена, Истамбул, Дубаи стасавме во воена база во близината на престолнината на Авганистан, во Кабул. Десетина дена бевме собрани цивили од сите страни на светот. Спиевме под шатори со по 150 кревети, додека нé не распоредија и нé не одведоа со хелихоптери на различни места. Ме определија во база со 3500 војници и цивили во близината на пакистанската граница – кажува Златко. Обврска му била да ја контролира нормалната функција на водоводните и канализационите ситеми во базата. Не дека ја штедат водата, кај некоја од илјадниците чешми или ситните дефекти, туку поради правилата во секој момент сé да биде во исправна состојба. На располагање имав двајца цивили од околното население. По 12 часа дневно или навечер вртев со џип со нив во инспекција на исправноста на клучните водови. При тоа се забележуваше дека се во ред, или ако не е, се отстрануваат дефектите и слично. Или се интервенираше, ако некој се јавеше дека има проблем во водоводната или канализациската мрежа. Располагав со канцеларија, сопствена соба со тоалет и туш, ТВ, телефон, компјутер и интернет. Не излегував од базата. Само повремено се шетав во замена на “колега” во помала база – пренесува тој.

Знаме на половина копје

Базата била како мал град, но ситна во споредба со главната, која брои 35 илјади војници и придружен персонал . Располагала со библиотеки до модерни болници. Ангелески бил сведок на воени атаци со артилерија на Талибанците, кога се сигнализирала опасност дека ќе паѓаат бомби или кога фанатиците напаѓале такаречи со голи гради на безбедносната жица на базата. Таму не завршува животот само за авганистанските воини, туку и на војниците на сојузничките сили. Знамињата на јарболите, ставени на половина копје во базата биле знак дека воените формации останале без некој војник. Се пукаше и експлодираа бомби. Талибанците напаѓаа со обични “Калашникови” на безбедносната жица. Дали беа храбри или луди, не знам. Но, знаеме дека се возвраќаше со софистицирано оружје, кое косеше сé пред себе. Гинеа како пилиња и продолжуваа да напаѓаат, додека тела во крв, остануваа обесени на бодликавиот тел. Имаше моменти кога фрлаа неколку проектили и исчезнуваа во Пакистан. Кажуваа дека напаѓачите имале марифет за фрлање гранати со одложена експлозија, за да имаат време да побегнат, а силите на НАТО да не ги откријат и бомбардираат. На гранатите ставале мраз, а проектилот се активира кога ќе се стопи. Во меѓуреме, исчезнуваат да не ги пронајде модерната воена техника. Кажуваа Американците дека хелихоптерите ги откриваат минофрлачите без луѓе. Не е лесно да се работи додека виси смрт над глава, кога се алармира опасност и сместување во засолништа. Но, кога, човек се фаќа за “орото” не мисли многу дека нема лесно “пуштање од ритамот на музиката” на оружјето – кажува Ангелески. Вели дека “неговата воена мисија” како цивил завршила за четири месеци, а не за една година поради семејни проблеми. Ми се јавија од дома дека мајка ми е болна. Побарав да ги искористам одредбите од договорот да заминам за неколку дена. Процедурата беше тешка. Не веруваа на документите и дадов отказ. Мајка ми почина по неколку недели по враќањето. Пак ме бараат, но не знам дали сум подготвен да го повторам походот за “бизнис освојување на Авганистан” – завршува Ангелески. Во земјата на афионот, од каде се снабдува Европа со хероин, работат уште неколку прилепчани во американските бази, покрај стотината македонски војници во мисијата ИСАФ.

Loading