ДЕНАР – ДВА ЗА ЌЕЛАВА ГЛАВА

Обложување – животна пасија за Благоја Богески

Еким со 15 премрежја, но умрените му затвораат врата

Се клади, и лади со планинско ветре

Прилепчанец со 72 години. Богески Цветан Благоја е зборлив старец, кој сé уште знае да се насмее и со финта да спечали некое денарче. Вели сите го знаат како еким, кој иде од кај умрените. Лечел со чаеви, а поминал 15 премрежја. Кога некој чита некролог и ќе помисли дека тој – Благоја, починал. Но, тој му излегувал, како ѓаол, зад него. Ќе го подудрам со ногата и ќе му речам. Што читаш некролог, еве сум жив. Тој е сличен. Четирипати бев онесвестен и куртулив. Не ме сакаат, ме бркаат од кај умрените – се смее Благоја. Првото премережје било додека бил дете. Со другарите се обидел и активирал бомба, оставена од војната. Бомбата направила кратер, а тој и другарите бељаџивчиња се скриле од очите на зачудените луѓе.

Од ништо прави нешто

Бил љубител на планините. Знае од ништо да направи нешто. Вели, ќе прошетам по планините ќе соберам некоја шипинка и за евро ќе ја продадам. А многу заработил и со обложување. Од десет години го знам марифетот на обложувањето. Интересен е и има шега. Се обложувам (кладам) буквално за сé. Најчесто за спорт и за временска прогноза. Претпоставувам какво ќе биде времето и играм на ситни пари. Некој ќе вложи денар, некој два, некој десет. Најчесто добивам. Се случило, за десет вложени, да дадам 30 денари од својот џеб. Се обложувам на стадион. На пример, дали ќе излези ќелаф судија, или ќе излези со мустаќи, или се обложувам за спортските резултати – вели Благоја. Никогаш не оди во обложувалница. Затоа што таму се знаело се однапред. И кој судија ќе суди и резултатите. Интересно е, иако тешко се наоѓаат луѓе за обложување. Не е коцкање. И со полицајци се “нафаќам”. Забележував на ливче кој колку дал и заклучив дека не е практично. Ливчето се кине. Џебот е најсигурен. Ако во едниот не тропнат пари, ќе има во другиот џеб – рече Благоја, на кого вредната домаќинка сигурно здраво му ги сошила џебовите.

Предвидува од медиумска информираност

Не следел лото, но читал многу весници, следел и временска прогноза. Предвидувањата му обезбедиле егзистенција. Бевме земјоделско семејство. Садевме тутун и од тоа живеевме. Ќе работиме в нива и ќе им речам на соседите преку меѓа – доаѓа облак од Крушево, ќе врне. Се обложувавме и добивав. Падна град. За чудо, им го уништи родот на комшиите, а на мојата нива ништо – вели Благоја Богески. Живеел од пензија, а од обложувањето вадел колку за леб – два. Животот му е како историја. Среќавал многу луѓе, се шегувал, ризикувал, создал свој обложувачки трикови, финти, пријатели, познаници. Написите од Народен глас му ги изгореле в пампур, но вели дека овој од Зенит ќе го чува, како животна историја. Треба дарба, ризик, позитивна мисла. И среќата е тука – забележува Богески. Кажува дека син му игра во обложувалници. Затоа и тој е упатен. Но, не го сака тој начин на обложување. Му лежи само “нафаќањето”, слично по правилата на искреното детско со подадена рака и сечење од трет. Во него има шарм, необичност во обичноста. Модерно наречено, ситното “ценкање”, не носи заработка, но секој може да проба до каде е неговата моќ за предвидување, помнење, да се видат границите на егото – богатиот скржавец и обратно. Колку секој човек е подготвен да оддели од себе и подели нешто со друг.

Loading