“КАРПА” СО ИСКУСТВО ОД ВАРШАВА И МОСКВА

Фудбал: Владо Данилов, стопер на 11 Октомври

Блокада пред голот на Коруновски и Кебакоски

Меѓу најистакнатите есенва во 11 Октомври, со придонес во рекордот од 934 минути непримен гол, е стоперот Владо Данилов, кој дојде од штипска Брегалница. “Карпа” е пред мрежата на Коруновски и Кебакоски. Стартува на топка и ги разнесува противниците. Не се штедам. Најсилните од Металург не се доближија до голот. Не верувам дека има напаѓач што ќе ми направи проблем. Може уште подобро – вели Данилов. Неготинецот на 31 година има богато искуство од странство. Го носеше дресот на Полонија од Варшава, Динамо од Москва. Играше во Казахстан и уште во десетина клубови на печалба. Во Полонија бев 14 месеци. Ја искористив шансата кога се повреди најдобриот стопер. Местото го загубив по повреда. Конкурираа 12 стопери од 28 професионалци. Во Динамо Москва беа познати имиња, еден Гусев, браќата Березуцки. Топките ги собираа зад гол, а до каде дотуркаа. Добро минав и во Казахстан. Пак би се вратил на печалба, но ако не може, добро е во 11 Октомври – раскажува Данилов. Душата ги боли за примениот гол во 20 минута од Влазерими. Ниту победата од 6-2 не му донесе радост. Не се оствари планот за 1000 минути недопрена мрежа. Не примивме гол од Риниа на жешкиот терен во Гостивар, со Тиквеш во Кавадарци, со Охрид 2004, туку од најслабиот. Имавме грешка.

Почнуваме пак да броиме, иако тешко дека ќе се повтори подвигот. Најважна е целта – прва лига – смета тој. Пораз заборави како изгледа. Единствениот е пред 11 кола, на стартот, во август дома од Миравци. Заредија четири нерешени и седум победи за трето место, со два бода зад челниот. Лошиот старт го пребродивме со залагање. Свесни бевме дека не оди лесно со 10 нови и нормално е да шкрипи. Верувавме дека ќе тргне со тројца екстра прволигашки напаѓачи, Димитровски, Гешоски, Пројков, подоцна и Мојсовски. Немаше логика да не се раздаваат голови – истакнува Данилов. На ред е Влазними. В сабота, на последниот есенски дуел, неопходна е победа. Се очекува добра партија, мајстории и голови, како шлаг на торта.

Останувам напролет

Данилов е задоволен од управата на 11 Октомври. Можно е дресот да не го менува напролет. Ако не одам во странство, 11 Октомври е во опција. Многу веројатно дека тука останувам до крај на сезоната – најавува Данилов.

Влазними гостин в сабота

Наместо в недела, утре (13 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” е мечот со Влазними. Стружани се солиден тим, кој му даде отпор на лидерот Тиквеш во Кавадарци. Голман е Елмази, играат Салиевски, Крека, Алими, голгетерот Атај, капитенот Џила, а тренер е Здравко Цветаноски.

Loading