ПОРАНЕШНИОТ ГОЛМАН НЕМА МИЛОСТ ЗА МРЕЖИТЕ

Фудбал: Владимир Мојсовски, голгетер на 11 Октомври

Прв стрелец есенва во второлигашот 11 Октомври е Владимир Мојсовски (27), дојден од ФК Скопје, а настапувал за Работнички, Цементарница, Напредок и Маџари. Нема милост за голманите, а самиот бил меѓу стативите. Како младинец добро бранел во Македонија Ѓ. Петров. Малку чудно, бев голман. Имав талент, но ме “јадеше” висината. Се префрлив во напаѓач. Ги знам слабите точки на голманите за полесно да ги совладувам – вели Мојсовски. Првиот гол, победоносен го даде на гости кај Локомотива (0-1), после дома двапати стрелаше со Дрита (3-0) и еднаш со Охрид лоте (1-0). Во купот во 30 секунда го “стресе” прволигашот Металург за 1-0. Брз, итар, техничар, соработува со Гешоски, Димитровски, Игор Мирчески… Релативно сум низок, но имам одраз. И со глава сум успешен. Добро што играме офанзивно и има многу нафрлени топки. Се надевам натаму на поголема ефикасност. Најважен е врвот од табелата – истакнува Мојсовски. В недела е гостувањето кај осмата Риниа во Гостивар. Адут е одбраната која издржува 824 минути без примен гол, но бодовите ги носи и нападот. На изглед бод можеби е доволен. Посакувам победа, не само на овој меч, туку и на преостанатите три есенва – заврши Мојсовски.

Утре меч во Прилеп

Казнетиот Влазними, наместо во Струга, утре (13 ч.) игра во Прилеп. Ривал му е скопски Еуромилк. Мечот е на стадионот Гоце Делчев.

Loading