ТИЕ ШТО ДОБИЛЕ, ТРЕБА ДА МУ ВРАТАТ

Ракомет: Кој јунак ќе помогне на РК Прилеп

РК Прилеп се спушти на најниско ниво по оставката на претседателот Панче Дамески. Во клубот не знаеја како ќе отпатуваат до Скопје, кај Тинекс пролет. Автобусот од Тутунски, кој досега го користеле, им откажал. Преостана со три – четири сопствени автомобили да патуваме. Никогаш не било полошо – велат во клубот. Изненадени се од оставката за која дознале од медиумите. Клубот бил на цедило. Наспроти шпекулациите за недоразбирања при делење плати, Дамески како причина наведува презафатеност со пратеничката функција и подготовката на докторат по ветерина во Загреб. Една година бев на две страни. Произлезе дека не стасувам ни ваму, ни таму. За лани и есенва обезбедив 45 илјади евра. Вложив и свои пари, а пак има незадоволство. Се повлекувам, но и натаму ќе помагам – вели Дамески. Кој ќе биде наследник не се знае. Се коментира: тие што најмногу добиле од ракометот, редно е да му вратат. Во градот ракометот е спорт број два, со длабок корен, традиција. Фудбалот го полнеше стадионот, ракометот – салите. Надеж е донаторската конференција деновиве. По шесте порази, в сабота наместо дома, оди кај Тиквеш, оти го плати патот до Кавадарци! 

Менуваат спорт

Кога слушнаа дека У. Баскет е примен во првата лига и доаѓаат кошаркари од сите страни, во РК Прилеп им завидуваа на соседите во Универзална. Готови се да одат каде е поубаво. Кошарка со ракомет е слично, се играат со рака. Да може, веднаш менуваме спорт – коментираа ракометарите.

Loading