ГЕНЕРАЛНИОТ НА МОНОПОЛОТ, ПОПЛАТЕН ОД ПРЕМИЕРОТ

Втор обид за акционерско собрание во Тутунскиот комбинат

Пратеникот Горан Сугарески од СДСМ тврди дека генералниот на ТКП Жарко Христоски зема плата од 1500 евра

Тој го праша Груевски од каде се парите за купување на четири луксузни автомобили кога комбинатот работи со загуба од 30 милиони евра

Денеска акционерите на Тутунскиот комбинат (ТКП) ќе направат повторен обид за одржување на акционерско собрание, откако пред три недели собирот пропадна поради недоаѓање на претставникот на државниот капитал. Акционерите треба да расправаат по стариот дневен ред. Јавноста е живо заинтересирана за тоа што и како се случува во загубарот ТКП, каде 72 насто од капиталот е во рацете на државата со претворањето на обврските кон државата во траен влог. Окото на јавноста е ширум отворено и поради пропаѓањето на вториот обид за продажба заедно со останатите три загубари меѓу кои и прилепски 11 Октомври – Еурокопозит. Со ТКП се егзистенцијално “врзани” околу 1200 прилепски семејства, кои вадат “леб”. И тутунари кои се долгогодишни кооперанти, кои не само што имаат бизнис односи, туку и помалку емотивна врска со Монополот, поради традицијата да го носат родот, да им ја мерат “потта “ од едногодишната мака и да им се исплаќа трудот, не секогаш праведно вреднуван. ТКП беше и сé уште е, макар што не толку како некогаш, извор за воздух, живот на стотина помали градски фирми кои негуваат деловни релации, не секогаш коректни, но со висока доза на разбирање и толеранција.

Собрание зад синџири и со обезбедување

Минатото, одложено собрание помина без пристап на новинарите, туку со синџири и со силно обезбедување. И на денешното, мала е веројатноста, менаџментот на ТКП да ги отвори вратите за јавноста, иако се сопираат законските норми, државните фирми да бидат транспарентни. Сé е “глуво” и без сенс за комуникација. Новинарите подолго немаат контакти со раководството на чело со генералниот директор Жарко Христоски, иако ТКП е душата и економската моќ на градот. Во давањето на гласност за перспективите за спас на ТКП не помогна ниту ангажирањето на портпарол. Прашања за ТКП до Владата, упати прилепскиот пратеник од редовите на СДСМ, Горан Сугарески на септемвриската седница за пратенички прашања. Иако тој не доби устен одговор, туку премиерот најави писмен, сепак прашањата одекнаа. Сугарески го праша претседателот на Владата до кога ќе се толерира работење на директорот на ТКП, кој купил 4 возила, од кои три луксузни, а години не плаќа ниту денар за давачка за здравство, за земјоделие и екологија. Според него, загубата на ТКП за 2008 г. изнесува над 8 милиони евра, додека загубата за 2009 г. е околу 30 милиони евра.

Пак неплатени давачки

– Бруто платата на вработените е намалена за 20 насто. Работниците се дома на 80 насто и по три месеци во годината, додека нето платата на генералниот директор Жарко Христоски изнесува над 1500 евра, што можеби е поголема од премиерската. Дали тоа не е апсурд – го праша Сугарески премиерот. Тој потсети на директорите во ТКП од пред неколку години, кои ВМРО – ДПМНЕ ги донесе од Скопје, за повторно да биде поставен партиски кадар како Жарко Христоски, кој се крие од останатите членови на бордот на директори, затоа што потпишува договори без одлука на бордот, за што останатите членови се иземаат од потпишаниот договор. Според Сугарески, во изминативе години не е платено ниту денар по основа на давачка од 9 денари по кутија или 5 денари за здравство, 3 денари за земјоделие и 1 денар за екологија. И плаќањето на ДДВ не било редовно. Смета дека одраз на неповолните текови се и осипувањето на стручен кадар и вработување на несоодветни секретарки, службеници по партиски клуч со високи бодови за плати. Се поставува прашање, господине премиер, до кога мислите да толерирате вакви директори како Жарко Христоски, кој Вие го поставивте,, покрај се што се случува во ТКП купени се четири возила, и тоа три луксузни за запрепастувачки енормни цени. И тоа Ауди 8 по цена од 116 илјади евра. Проверете, еве ги документите од лизинг. Ауди 4 по цена од 36 илјади евра, Голф 5 по цена од 29 илјади евра, Шкода Ромстер-11 илјади евра или вкупно 183 илјади евра. И тоа во услови на релативно нов возен парк во ТКП. Иронијата, а со тоа и трошењето државни пари да биде поголема, што тоа е направено со лизинг на три години и сумата ќе надмине 250 илјади евра. Господине премиер, дали имате намера да преземете некаква активност и да се престани со вакво расипничко трошење на пари, додека државата се обидува да го спаси ТКП со преземање на долговите како траен влог и распишува тендер за продажба – праша Сугарески од пратеничката говорница. Пратеникот на СДСМ не доби одговор од премиерот на седницата, туку му беше најавен во писмена форма.

Loading