ЏУДИСТКА ДЕЛИ ФУДБАЛСКА ПРАВДА

Весна Спиркоска, меѓународен судија

На женските фудбалски квалификации за ЕП-19 во Молдавија, помошник судија беше Весна Спиркоска. Со знаменцето мавташе на три меча, Ерменија – Англија 0-5, Англија -Молдавија 4-0 и Финска – Англија 0-2. Дебито со знакот на УЕФА беше успешно. Последниот дуел беше драматичен. На крај немаше забелешки. Актерките си подадоа раце, ни честитаа за арбитражата – задоволна е Спиркоска. Седум години дели фудбалска правда. Беше голманка на Победа и репрезентацијата. Тренирала и атлетика, била одличен џудист… Доколку дојде до несакани ситуации, може да ги користи вештините. Умеам самоодбрана. Цврстината и брзината ги користев меѓу стативите. Има сличност меѓу голман и судија. Грешките и на двајцата не се поправаат – смета Спиркоска. Две години има искуство во Швајцарија со мирна публика, како в театар. Се прифаќаат најголемите судиски грешки. Овде е друго спортско ниво, за обичен аут се крева врева. Се снаоѓаме. При аут се гледа за кого е, кој играч тргнува кон топката, а при офсајд, кога не сме сигурни докрај, дигаме знаменце. Подобро да не се оштети тимот што се брани, да не прими нерегуларен гол – истакнува Спиркоска. Нејзина амбиција е напредок на УЕФА листата како главен судија.

Loading