ВО НАЈТЕШКОТО УПРАВАТА ДА ЗАМИНЕ НЕ Е ФЕР

Ракомет

Машкиот суперлигаш Прилеп, покрај резултатска криза, со двата стартни пораза од Борец во Велес и од Пелистер дома (22-28), го мачи уште повеќе финансиската. Обезбедени се само половина од парите, а има незадоволство за неисплатените две плати. Неопходни се 45 илјади евра годишно. Имаме 25 илјади, ни требаат уште 20 илјади. Бараме стопанствениците од градот да ни помогнат, оти друг излез нема – вели претседателот Панче Дамески. Двајца играчи заминаа во Пеќ, Косово – голманот Дупјачанец и крилото Петкоски. Тренерите располагаат со 11 првотимци. Да ги обезбедиме парите, сигурно дека печалбарите веднаш ќе се вратат. Секој нареден ден е борба. Управата останува комплетна. Не е фер сега да заминеме, во најтешкото, што би значело згаснување на омилениот спорт – истакнува Дамески. Следното коло, в недела, РК Прилеп со шанса за прв триумф на гости кај РК Куманово, а в среда пак на гости, кај Металург во Скопје. Во женската Супер лига до среда (16.30 ч.) трае паузата, кога е дербито Жито Прилеп – Леов Велес.

Loading