МАКЕДОНСКА ФОЛКЛОРНА КИТКА ВО БАЧ

КУД “Мирче Ацев” на етно собир во Србија

На околу 62 километри од Нови Сад, Србија, во рамнинскиот дел на Војводина сместена е општината Бач. Осма година градот е престолнина на учесници од повеќе страни од светот, на “Деновиве на европското културно наследство”. Под старата тврдина, која наскоро ќе ја заштити УНЕСКО, се презентираат фолклорите од Србија и од повеќе европски земји, бидејќи манифестацијата е поддржана од ЕУ. И лани, и годинава Бач беше одредиштето на играорците од КУД “Мирче Ацев”. Тргнаа со автобус да го претстават богатиот македонски фолклор пред мештаните на Бач и граѓаните од околните места. Домаќините срдечно ги пречекаа. Се разменија мислења на новите и старите генерации за иднината, сегашноста, а и за минатото. Се создадоа нови пријателства, кои ќе останат долготрајни. КУД “Мирче Ацев” на висина на “задачата” – да биде репрезент повеќе зрнца од националниот фолклорен бисер.

Вештите играорци се претставија во полн сјај понесени од радосната атмосфера. Многу вдахновено, полетно ги изиграа Калајџиско, Водарки, Осоговка, Повардарие. Заслужено добијаа аплаузи. Не се криеше задоволството од македонските ора кои буквално креваа на нозе. Феноменални, фантастични. Секоја им чест. Во вистинско светло го претставија богатиот македонски фолклор – рече Владимир Босанчич, новинар во Радио Бач. Не само што домаќините беа задоволни, туку и учесниците. Се гордееме што го претставивме раскошот на македонскиот фолклор во Србија – рече Марија Митреска. Публиката има истенчен вкус и мерила. Веројатно поради тоа што може да споредува меѓу повеќето играорци од други земји – рече Филип Петрески. Второто учество се должи на ланското незаборавно наше издание. Докажавме дека сме неслучајни репрезенти на македонскиот фолклор – рече кореографот Диме Билески. Стотина деца моментно ги совладуваат тајните на фолклорот.

Петар Ванчев за учеството на КУД “Мирче Ацев” во Англија

Историски потфат во Ланголенд во 1969

“Тешко се опишува со зборови чувството кога КУД “Мирче Ацев” го освои првото место во Ланголенд, Англија, во 1969 година. Не се пренесува, туку се доживува. Прекрасни, историски мигови, за незаборав и вечност. Зашто таму, на магливиот остров, бевме шампиони, први во светот, меѓу стотици играорци”. Вака зборува 71 годишниот Петар Ванчев за прилепското КУД “Мирче Ацев”, кога го освоило првото место на фолклорниот фестивал во Ланголенд. Неповторливо. Се плачеше од радост. Не им се веруваше. Фантазија од настан. Публиката нонстоп аплаудираше додека игравме, а друштвото го прогласија за најдобро. Затоа им игравме и по улиците, а полицијата правеше место. Секаде каде минуваше македонскиот танц, играорците беа следени со кордон френетични поздрави и ракоплескања. Весниците пишуваа “Група ентузијасти од Прилеп – први на натпреварот во Ланголенд. Се гордеевме на големото признание, не само за друштвото, туку и за Македонија – вели Ванчев. Друштвото играло повеќе ора меѓу кои Тешкото, Невестинското, Повардарие.

Loading