“КИСЛОРОД” НА ЧЕЗИТЕ

Прилепчанец репарира чези, од кои една продал и во Грција 

 

Ова не е хумор на Монти пајтон. Интересниве нови чези залегнале на тревата во прилепски двор на газда по потекло од Црешино – Бродско. Не сака да се идентификува. Некогашните мотиви на кочии, пајтони, или пак чези, налик на рикшите од Далечниот исток, влечени од луѓе, треба да завршат во некои американски идили. Копитата на коњот запреле кај прописите, давачките и зачкрипиле колцата на чезите. Тие се потсет на интересна традиција на нација, која на времето практикувала на пазар да се оди по двајца качени на чеза, а ,,поскапоцените,, работи да се чуваат под седиштето. Во вакви елегантни чези, кои најчесто биле црни или бели, украсени со цвеќе, пердуви и други додатоци, ги возеле селските чорбаџии, седнати на јамболија. За градските чорбаџии бил карактеристичен превозот со пајтон. На нив се возеле и битолските конзули, а во поново време има порив кај народот да се обноват традиции. Невестата и зетот да се возат од местото на регистрација или црквите и салите за веселба со чеза, пајтон, или кочија. Моите се едноставни чези.

Ги добивам и ги репарирам и ја задржувам конструкцијата. Додавам, обновувам, заменувам и го ,,подмачкувам,, она што не чини. Првата ми беше од битолско Цапари. Стариот, трул материјал на дрвото, корозираните оски со тркалото, рачките најчесто ги заменувам со нови, од бука или даб. Добив прекрасна чеза која ја продадов во Грција. Новиве се бојосани т.е пајцувани. Затоа вака светат и имаат нијанси на црвеникава боја. Материјалот не е црешов. Во пајтонот може да се возат повеќе луѓе, а чезиве ги користеле кога се одело на пазар – вели сопственикот на чезите, кој сакаше да остане анонимен и не сакаше да се фотографира. Вели, за нив ќе разговараме другпат со некој интересен повод. Иако, ова беше добар повод. Но… Има околу 45 години и умешност за добро да го обработи дрвото. Прецизно подредува, како паркетени ,,штици,,. Занаетот го наследил од претците кои биле познати занаетчии во околината на Македонски Брод. Има, но може и да нема мајсторлак во кроењето и правењето на чезите. Важен е митот на приказните. Самовилата со волшебно стапче, од тиква направила кочија. Фантазија, и се е можно!!! Необичноста е во уникатноста на идејата. Обично кај нас вакви ,,возила,, имаа конзули, а разбравме дека и високи црковни лица поседуваат збирки на чези. Во светот, ова не е нешто ново посебно за државите кои биле кралства.

Loading