БУДЕЊЕ НА ФАНТАЗИЈАТА СО “ЧУДЕСНИОТ БРОЈ ТРИ”

Нова книга од Петар Петрески

“Чудесниот број три” е новата книга раскази од писателот Петар Петрески издадена од ИК “Арлекин”. Објавени се 16 раскази, преку кои авторот ја разбудува фантазијата. Писателот Трајче Крстески, пишувајќи за книгата на својот колега, забележал дека авторот оформил триесеттина ликови, разнородни и со различни професии, што сакале или нé се паметат. Некои се персонификација на нашата потсвест. Не само затоа што тој ги универзализира. Повеќето имаат автентичност и автобиографско. Сепак се општи и секојдневни, сретнати, замислени или има “парче” од нас, дел од нашата околина. Можеби се дел од колективната потсвест, или едноставно толку бесмислени и исфантазирани, што стануваат “наш внатрешен лик”. Расказите се синтеза на фантастика и стварност. “Чудесниот број три” е зрнце љубов на љубовта што се помалку ја има – вели Крстески. Петрески, кој е директор на Градската библиотека “Борка Талески”, има издадено три книги поезија (Песни за темнината, Неморални бои и Дланка непочинка), изборот “Македонскиот урбан расказ”, и драмите “Трета мајка” и “Песијазол”. Преведуван е на повеќе јазици.

Loading