ЗА КРАЈ ИЗЛОЖБА И КОНЦЕРТ

Завршува прилепското културно лето

Со изложбата на слики од ликовната колонија “Дрен” вечерва од 20.30 часот и со концертот на етно групата Calgija sound sistem, в недела, завршува годинешното издание на прилепското културно лето на ЦК”Марко Цепенков”. Сенка за жешките летни денови беа над 20 настани, меѓу кои повеќе концерти, театарски претстави, изложби. На изложбата “Дрен 2010” ќе бидат претставени 30 слики што ги создадоа уметниците, творејќи во преубавиот манастирски комплекс. На јавноста ќе и се покажат творештвата на Сергеј Дамовски, Силвана Атанасовска, Христина Зафировска, Весна Богоевска, Јасмина Новковска, Анита Сотировска, Радомир Кнежевиќ, Олгица Антовска, Владимир Кнежевиќ – Путец, Тони Чатлески, Татјана Јонеска од Македонија и гостинките Виолета Танова од Бугарија и Агнешка Шератска од Полска.

Членовите на “Calgija sоund sistem” Добрила Грашеска (вокал), со прилепско потекло, Александра Кузман (виолина), Дориан Јовановиќ (ут), Бошко Мангаровски (канон) и Филип Крстески (тарабука, деф и дајре) ќе направат вистински чалгаџиска серенада в недела на плоштадот Александрија. Ќе има нови сонгови чалгаџиска музика, но сепак во рамките на традицијата. Со малку пари, понудивме квалитетна програма која предизвика интерес – велат од ЦК”Марко Цепенков”, од каде ветуваат бројни културни настани и во есенските месеци.

Loading