МЕЧТААТ ЗА ЉУБОВ ПОД ЛИПИТЕ

Прилепчанката Светлана и африканецот Фреди од Уганда

 

Светлана била болна и успеала да го победи канцерот, а Фреди е стоматолог во државна болница, а вонредно работи во приватна стоматолошка ординација 

Домот е каде што ти е срцето. Ако срцето се исполни со хармонија, благодет, љубов – тоа е домот

Во Африка ја одведоа животните води прилепчанката Светлана Галоња Семакула (54). Бракот со африканецот, омилениот стоматолог Фредерик Семакула, се негуваше во љубов и хармонија 15 години. Брачниот брод пред 11 години тргна од Прилеп да најде пристаниште во престолнината на Уганда, Кампала. Прилепската љубов од липите цвета 32 години. Дел под палмите во централноафриканската земја. Ново гнездо сви на родната грутка дипломираниот стоматолог од скопскиот универзитет, Фреди, како што сите го познаваа забарот со црн тен од Прилеп. Покрај нив е “прилепчанката” Ангела – нивната ќерка, матурантка. А 27 годишниот син Ѓорѓи, роден во Прилеп, живее и работи во Шведска со неговиот прилепски вујко Дејан.

Во семејното гнездо и четири сираци

Социјалниот работник од поранешната фабрика Билјана, Светлана, се грижи за семејството, кое, покрај ќерката, го сочинуваат и четири сираци од блиски роднини на Фреди кои починале од сида. Фреди е стоматолог во државна болница, како и во Прилеп. Работи вонредно во приватна стоматолошка ординација за надополнување на семејниот буџет. Светлана раскажува дека била болна и успеала да го победи канцерот. Дава придонес во афирмација на хуманитарни акции во асоцијацијата за борба против ракот. Во два милионската Кампала обиколена со џунгли и метеж од целото животинско царство, карактеристично за Африка, особено со крокодили, Светлана жали за Прилеп, иако е во контакт со пријатели секојдневно со интернет. Пријателите ми ја ублажуваат болката за моите починати родители. Ми даваат морална поддршка. Разговараме, се мајтапиме преку интернет. Ми го доловуваат градот во кој не сум била четири години, а ме трга носталгија. Ќе дојдам пак да се прошетам по калдрмата на сокаците на Старата чаршија. Сакам да ме “опие” мирисот на сушен тутун. Ме влечат корените, иако не се жалам дека не живееме добро. Разговараме со Фреди, третото доба да го минеме пак во градот на моето детство, на мојата младост. И него го врзуваат пријатни спомени на младоста. Фреди е дружељубив. Имаше многу пријатели во 15 годишниот работен стаж во градот под Марковите кули – вели Светлана, која најавува дека ќе ја донесе ќерката со африканска култура, да го види родниот град каде е одгледувана. Живеат во изнајмена куќа во Кампала. Кажува дека ја одржува традицијата. Покрај акциите за донации за асоцијацијата, ги негува православните адети со посетување на христијанска црква во земјата, која 80 отсто е христијанска. Жилаво и храбро се борела од нападот на рак.. Го правам редот како мајка ми за Божик и Велигден. Во христијанската црква ја ублажувам “духовната” глад, се причестувам, иако има и православна, која е, подалеку. Најдувам душевен мир, се храбрам да не ме јаде неизвесноста, по болеста. Тажам за починатите родители и треперам во радост од семејната среќа на децата. Сакам син ми да се одомаќини, да се ожени, да создаде фамилија, и да станам баба, макар што уште учи и работи. Не сме одлучиле каде ќе продолжи ќерка ми. Приготвувам македонски јадења. Ангела сака ајвар, но тешко е тоа оти нема црвени пиперки, само бабури. Инаку, има српска заедница која брои над 200 души. Тие се побројни и готват српски специјалитети, блиски на нашите – вели Светлана.

Прилепски тертип на црниот континент

Прилепчанката, која едно време беше и прв женски солист во прилепските групи и свиреше пијано, замина во Африка во 1999 година. Додека се надвиваа социјално економски неприлики, ги пакувала куферите, оти тргнала транформацијата со сета жестина. Фирмите се затвораа. Капак им било бомбардирањето на Косово и бегалската криза. И Фреди го тргало срцето за “дома, на црниот континент”. Фреди замина прв да создаде семејно седело. По прилепската традиција, жената е нужно да е покрај мажот со децата. Заминавме, семејството да остане компактно и да не го следи неизвесност. Макар што во Македонија се држеше неутрална политика. Не отидовме од страв. Потоа заминавме со малата Ангела и средношколецот Ѓорѓи. На син ми му беше потешко прилагодувањето, зашто дојде во нова средина на 15 години. Тој има прилепски табиет. Растен и воспитуван е по прилепски тертипи. Потешко се прилагоди, оти имаше свои другари. Полесно и беше адапирањето на ќерката ми. Беше мала. Првите месеци секои два дена го пакував куферот за Прилеп, зашто сметав дека домот е каде што ти е срцето. Ако срцето се исполни со хармонија, благодет, љубов, тоа е домот – пренесува Светлана. Пред да го види Прилеп продолжува да одгледува деца под домашниот покрив. Не ги напушта сираците, од кои едно родено со сида. Го топли, им го заманува родителскиот скут, им дава надеж. Ги расте, лекува, воспитува, со малку македонска култура…

БАВНО ТЕМПО НА ЖИВОТ

Во Уганда не е поразлично од другите африкански земји. Се живее пристојно во бавен ритам. Жителите пулсираат низ звуците на националниот тапан. Климата е тропска, со топли зими и убави лета со температура до 28 степени. Земјата е пред големи предизвици во трансформацијата. Чекори напред во демократскиот и економскиот развој, со странски инвестиции и приватизација и децентрализација. Наезда туристи предизвикуваат изворите на реката Нил, а разновидната африканска флора и фауна и богатството природни ресурси, мамат не само авантуристи, туку и луѓе од бизнисот кои наоѓаат почва за профит. Белците се необично почитувани, иако не се повеќе од еден милион. Временската разлика е само еден час понапред од кај нас. Животниот ритам во африканската земја е потром во споредба со Европа. Сé оди бавно меѓу 22 милиони луѓе во нацијата која е во прогрес. Нема семејство без минимум пет деца. Тоа им е култура и традиција. Покрај јазиците на повеќето племиња, од кои доминира Ваванду, официјално се зборува англиски. Жителите главно се христијани – католици, протестанти и православни. Малку има муслимани, а се негува и хинду верата на Индијците.

ВО МИСИЈА ЗА ПОМОШ НА ГОРИЛА

Еден месец Светлана Галоња Семакула ќе оди во соседната држава Руанда во Националниот резерват за заштита на горила. Мисијата за помош на животните прилепчанката ќе ја спроведе со желба за подобрување на условите и придонес на човекот за одржување на одредени видови животни. Помагањето на животните, Светлана вели дека ја релаксира и ја прави среќна кога може да помага.

Loading