КЛИКЕР, СКОКАЛЧЕ ИЛИ НЕШТО ТРЕТО

Мошне често слушаме да се користи зборот КЛИКЕР. Не е наш тој збор. И не треба да го користиме. Преземен е од српскиот јазик. А таму, во српскиот јазик преземен е од германскиот. Овој збор Србите го употребуваат со две значења. Првото значење е името на оној мал топчест предмет изработен од стакло, метал или од нешто друго. Како што е во српскиот јазик КЛИКЕР позајмен од германскиот, така во некои делови од Македонија е преземен од турскиот јазик зборот КАЈНАК. Во некои краеви е изведен, пак врз турска основа, зборот – ЏАМЛИЈА. Во определени моменти, ЏАМЛИЈА е придавка – ВРАТА ЏАМЛИЈА (стаклена врата), во другите случаи и именка што го означува тој малечок предмет изработен од ЏАМ (стакло).

А во некои други региони од нашава земја, луѓето изградиле свој збор, на свој начин и на своја мотивациска основа – СКОКАЛЧЕ. Оваа именка е изградена врз основа на глаголот СКОКА. Тој предмет има таква особина, скока кога ќе се удри од цврста подлога. СКОКАЛЧЕТО е всушност најсоодветниот наш збор со значењето на српскиот КЛИКЕР. Некогаш, во времето на СФРЈ се емитуваше една српска серија – “КЛИКЕРАШИ”, деца што играат со КЛИКЕРИ (СКОКАЛЧИЊА). Преведувачите имаа проблем. Некои го оставаат тој збор така, ставајќи го во наводници, бидејќи тој не може да најде место во нашиов јазик. Некои го преведуваа – “ЏАМЛИЈАШИ”. Но поради наставката АШИ (АШ) и тој збор не оди. Најдобар беше преводот – “СКОКАЛЧАРИ”. Можеби увото малку потешко ќе го прими, но ако е СКОКАЛЧЕ најсоодветното име за тој предмет, оној што игра со него ќе биде СКОКАЛЧАР, како што е ОПИНЧАР, БОЧВАР, ЧЕВЛАР и многу други именки што имаат наставка АР, а означуваат некакво занимање. Некогаш кога игравме со ашици не викаа АШИКАРИ.

Да се вратиме сега на второто, на преносното значење на зборот КЛИКЕР. Рековме дека Србите го користат зборот КЛИКЕР и со неговото основно значење, но и тогаш кога сакаат да кажат дека некому не му работи мозокот на некое задоволително ниво. Сме чуле да се рече – “Не ради му КЛИКЕР”. И ние сега, под тоа влијание, често слушаме дека некому не му работел КЛИКЕРОТ, дека некој имал КЛИКЕРИ, дека некому му работеле КЛИКЕРИТЕ и така натаму. Се разбира дека ова не оди. А што да се прави во вакви ситуации? Што да се прави кога треба да се преведе од српски јазик некој ваков израз? Зборовите СКОКАЛЧЕ, КАЈНАК или ЏАМЛИЈА не развиле кај нас такво значење. Не може да се рече дека некому му работи СКОКАЛЧЕТО (КАЈНАКОТ, ЏАМЛИЈАТА). Не може да се рече дека некој го решил проблемот, затоа што му работеле СКОКАЛЧИЊАТА. Сме сретнале и вакви преводи, но тоа никако не оди. Тоа е само буквално преведување од српскиот јазик, а не треба да се оди со буквални преводи. Треба да се побараат зборови или изрази во нашиот јазик, кои се соодветни во ваквите ситуации.

За човек кој брзо, лесно и умно ги решава проблемите велиме дека му ПЕЕ ПЕТЛЕТО. Дека има ПЕТЛЕ за таа работа. Често велиме дека додека не му ЗАПЕЕ ПЕТЛЕТО ништо нема да направи. Честопати, наместо ПЕТЛЕ се употребува и ПИЛЕ. Му пее ПИЛЕТО.

Не ја исклучуваме можноста да се најдат и други изрази, но засега, сметаме дека овие варијанти со ПЕТЛЕТО и со ПИЛЕТО се најсоодветни. На сите им се познати, насекаде се употребуваат.

КЛИКЕРОТ овде никако не оди. Тој што ќе го користи тој збор во ваква ситуација, само ќе докаже дека не му работи “КЛИКЕРОТ”.

 

Благоја Ивчески

Loading