ВРЕДИ ДА СЕ ”ГИНЕ” ЗА ПУБЛИКАТА

Фудбал: 11 Октомври мора подобро по лошиот старт

            Амбициозниот 11 Октомври неочекувано загуби од Миравци со 0-2 и в недела оди да се вади на гости кај Цементарница. Тимот мора далеку подобро. Должен е кон градот, спонзорот… Фудбалерите разочараа, далеку се под клубот кој има на што да се гордее, а тоа е организацијата. Беше на највисоко ниво. Гостите се чувствуваа како дома. Се играше без притисок од страна, пред триилјадна публика, која ги награди со бурни аплаузи. За фановите вреди да се ”гине” 90 минути. Ништо не покажаа. Два – три шута на гол се премалку. Миравци заслужено тепа – коментираа навивачите. Задутре е мечот на Цементарница. Домаќинот е со иста мака, растурен со 4-1 од Тиквеш. Шансата е пред 11 Октомври. Тренерот Николче Здравески ги консолидира сите линии, бидејќи имаше пропусти насекаде. Оптимизам има. Почеток е, ништо не е загубено, одиме натаму. Еден триумф ги враќа работите в ред – порачуваат од клубот. ”Првоборците” се посилни со Благоја Гешоски, кој доби сертификат од Грција. Останува да се види дали и друго ново ќе има во составот. Во неделата од клупата влегоа Ацески и Елезоски, преостанаа Кебакоски, Спиркоски, Гиноски, Бошкоски, Петрески, претежно млади играчи. Од секого бараме борбеност и дисциплина. Само така се успева – велат во 11 Октомври.

В среда куп со Скопје

            В среда, 18 август (17 ч.), е куп мечот дома со прволигашот Скопје. Гостинот е должник од лани, кога се извлече за еден гол. Време е за реванш. За верната публика вратите се отворени на стадионот ”Гоце Делчев”.

Loading