Од 9 до 11 август уживање со пиво, скара и музика

Многу познати музички групи и изведувачи ќе ги забавуваат посетителите на годинешниот  „Прилеп беер њеекенд” кои од 9 до 11 август ќе се насладуваат на ладното пиво и ќе се гостат со вкусната скара на отворено во центарот на градот. Ќе настапат “Ван Гог”, “Амадеус Бенд” и “Супер хикс”, Сања Вучиќ, Наум Петрески и други, како и светски познатиот диџеј Том Нови. Организаторот, „Евент гроуп” од Скопје најавува над 20 изведувачи. Пиво ќе нудат поголем број производители и дистрибутери на штандовите од над 3.000 м2. Општината Прилеп манифестацијата ја поддржува со милион денари, предвидени во програмата за култура.

– Градот ќе биде максимално подготвен за прифаќање на гостите  на манифестацијата од забавен, друштвен карактер и е поддржувач на еден од најголемите фестивали на пивото и скарата во земјава, па и на Балканот. Во координација со организаторот, потпишан е Меморандум за соработка, обезбедена е одлична музичка програма. Како градоначалник упатувам благодарност до сите пиварници, до сите угостители и сите поддржувачи, како и компании кои секогаш го даваат својот придонес за Прилеп да биде место кое привлекува голем број туристички, угостителски и друг вид потрошувачи, како за подигање на чаршијата, така и за подобар локален економски развој – изјави Борче Јовчески, градоначалникот на Прилеп.

Забавувачите се избирани да бидат привлечни за посетителите.

– Се надеваме дека ќе успееме да ги задоволиме сите вкусови. Во трите дена ќе настапат повеќе од 20 артисти, музичари, бендови. се надевам дека и годинава прилепската бизнис заедница ќе има слух и ќе го поддржи соодветно како што го поддржа и лани а и како што го поддржувала сите овие години, за да може да опстои – рече организаторот Дарко Крстески од „Евент гроуп”  – Скопје.

Чаршијата ќе работи со два часа продолжено работно време.

Loading