АКЦИЈАШКИ ПОЗДРАВ, ЗДРАВО

Народ со ваква младина, не се плаши за својата иднина. Вака пишува на една од паролите под кои работат младите прилепчани некаде околу силосите пред околу пет-шест децении. Со лопати в раце копаат и садат млади дрвца за прочистување на воздухот создавајќи бели дробови  на градот.

Не се знае со сигурност дали е ова акција на работниците од Тутунскиот комбинат, кога се пошумувал просторот околу фабриката или е на работниците од Жито Прилеп. Важно е дека сложни браќа куќа градат. Со песна, и работата е лесна.

Не биле реткост работните акции. Се градело, пошумувало, се облагородувале голините и планините. Под знамето на Југославија и со титова “мисла” се одело напред на берење тутун, масовни пошумувања и работни акции за чие учество се бараше “врска”.

На акцијата “Мариово” се дотеруваше патот во градба кон Витолиште, а на следната се расчистуваше Тројачката котлина околу селото Беловодица.

Темелите се од времето кога “Господ шеташе по земја” и никој не го бараше.

Loading