АЛЦХАЈМЕР – КАМО ДА БЕШЕ САМО НАУЧНИК, А НЕ ПРИСУТНА МОДЕРНА БОЛЕСТ

Отворено за болеста која е крадец на спомените

Ја нарекуваат епидемија на 21 век или тивок крадец на спомените. Ова се синоними на заболувањето Алцхајмер со кое директно се засегнати над 46 милиони луѓе ширум светот. Се прогнозира повеќе од 135 милиони болни од Алцхајмерова болест до 2050 година. На социјалните мрежи постојано вртат статуси за поддршка на семејствата со лица кои имаат деменција. Кога мозокот полека умира, тие физички се менуваат и на крајот забораваат кои се нивните најблиски. Може да завршат приковани за кревет, да не се движат и да не јадат или пијат. Како е да се живее со блиските на кои  Алцхајмеровата болест им ги кочи секојдневните активности и им ги зема најголемите задоволства во животот? Сведоштво на сограѓанката Марија Симоноска.

Велат: ,,Најтешко е себе си да се согледаш”.  Но, себе си да се заборавиш и непрепознаваш е уште потешко, поболно, понеразбирливо.

Денес во нашето општество со трката за престиж, моќ, пари, скапи коли… многу лесно се навикнуваме, прилагодуваме, прифаќаме, но реалноста околу нас е сé потешко да се прифати, а потребата од тоа е сé поголема, поважна и сé поприсутна.

Малку повеќе боли, многу тежи, премногу пече кога треба да се соочиш и прифатиш со една несекојдневна, нерутинска и новосоздадена ситуација и тоа не било каде, ами токму тука до тебе, туку на оној кој те донесол на овој свет, или пак те чувал, или ти бил најсаканиот вујко, чичко, тетка, баба, свекор, свекрва или што и да е. Тој е твојот близок, поблизок, најблизок и не е толку важна близината, колку важноста на постоењето на таа личност која ти е драга, си ја сакал или си ја милувал.

Да, токму така преемотивна, несекојдневна е оваа појава. Не сакам да ја наречам болест, ниту присутност, која боли до коски, боли до гола кожа, бидејќи срцето ти се пара и ти знаеш дека нема лек, а блискиот го имаш, сепак како да го немаш.

Камо да беше само пронајдокот на Алојз Алцхајмер кој ја открил уште во 1901 година и ништо повеќе. Но, тука е сé поприсутна, сé поразвиена и за жал како во стаклено ѕвоно, сé уште се чува и молчи како скапоцен камен, а во суштина многу тежи и во градите пече. На моменти ти иди да врескаш и пискаш од заборавот, несигурноста, стравот, паранојата, страста, можеби и оние слатки мали нешта некаде таму длабоко во себе си, што те прогонуваат, ти создаваат лавиринти, те втурнуваат во мрак, некогаш во тунел од кој не гледаш излез, па се плашиш дури и од самиот себе си.

Да, тешко е да се разбере знам, но тоа е најтешкото. Хмм… Замислете оној кој сте го прегрнувале 24/7, најпедантниот во вашата улица, или пак можеби, најкултурниот во вашиот влез, се сменил. Не сака да ве прегрне, педантниот веќе не е истиот, од оној најкултурниот – “течат” вулгарности или пцовки, а ти просто се чудиш и не можеш да разбереш што му се случило, па можеби мрштеливо ќе го погледнеш или саркастично ќе му се насмееш, старост ќе си помислеш или пак денес е оној негов лош ден. Нели сите го имаме.

Но, тоа не е така. Најмалку ќе разбереш дека судбината се поиграла, да речеме. Нема ниту да помислиш дека е ова можно. Најтешко е да прифатиш дека личноста која ја знаеш 24/7 била прељубезна и помагала денес ,,те откачи”, те отфрли, не сака да е до тебе, дури и сопстевното, она најмилото чедо, за жал ниту ликот, ниту името ќе му го знае. Но, срцето ќе ти се распара тогаш кога ќе видиш и слушнеш дека во огледалото го пронајдува омилениот, најблискиот кој му дава мир и му раскажува ко на најмил/а, најблизок/најблиска.

Не им го повишувај тонот за навредата, бидејќи не е тој, не им викај за истурената храна, другиот од надвор беше тој, не им се лути за згрешениот тоалет, темнината одвнатре е крива. Не им се лути за шлаканицата, сто проценти не беше тој, ти него го знаеш, ама не беше свесен за знаците и сигналите со сменети приказни и домашен распоред. Да, бидејќи немаше доволно време да разбереш дека не е заборавањето и не е староста, ами сепак беше почетокот на едно ново патешествие за сите – модерната болест.

Не им викај, прегрни ги цврсто да ја почувствуваат сигурноста, кажи им нежен збор тоа ќе ги скроти, помоли се за малку повеќе трпение и помогни им кога ќе ја почуствуваат довербата да ти се препуштат и тогаш, како невино дете ќе се радуваат на водата во бањата, на чешлањето како од мама, на облекувањето, како некогаш.

Не те заборавил/а, ама ти не го/ја заборавај/а, својата мајка, татко, баба, дедо крво или некрвно сродство, можеби твојот/а најдобар/најдобра пријател/ка дај им ги своите пет минути, можеби не секој ден, ама потсети се на него/незе беше оној/онаа која си ја сакал верувам уште ги сакаш, пет – десет минути е доволен твојот збор, твојата грижа и помош, така не ќе е сам и кој знае можеби ќе се изненадеш на некоја стара приказна, да солзи ќе се растечат, ама срцето ќе ти е топло од малку љубов дадена.

Да, несекојдневно е знам, но тешко е да се пронајдат вистинските зборови да се зборува, а уште потешко да се пишува за ова. Знаете ли зошто?

Бидејќи, тешко е, уште потешко е знаењето дека за оваа модерна болест малку се зборува, споделува, а верувам дека скоро секоја петта куќа се соочува со истото.

Не ќе е сé толку непознато и тешко, ако малку повеќе се грижеме едни за други, ако малку повеќе споделиме и си дадеме совети едни на други искрени и топли. Ако, малку повеќе се молиме за трпение и секако, ако се крене гласот за состојбата со овие лица, ќе се придонесе за посовремен и покреативен Прилеп.

Во нашето општество, особено Општина Прилеп најтешко е што, сепак ова е живот.

ДНЕВНИ ЦЕНТРИ ЗА БЕЗГРИЖНИ ПРЕГРАТКИ

Животот тече, егзистеницата бара активности. Не ќе е сé толку тешко ако постојат дневни центри каде безгрижно ќе го оставиш својот сакан/а, мајка, татко каде ќе има грижа додека ги извршуваш своите работни активности и повторно, ќе го гушнеш за добар сон. Ако постоеја институциите, ќе го немаше стравот дали ќе избувне пожар, поплава, дали е безбеден/безбедна или осамен/а. Да се крене гласот за овие лица, не треба да се заборавени, ним им треба згрижувачки објект во кој, со стручни лица ќе им се смени секојдневието. На тој начин, ќе му се олесни на целото семејство. Проклето болно е сознанието дека има малку центри низ државава и дека далеку е твојот најблизок.

Автор: Марија Симоноска

Ајде кажи

(посветена на моите втори родители)

Ајде кажи,

како да ти помогнам тебе,

па, да си помогнам и себе.

Ајде кажи,

како да ти олеснам тебе,

па, да ми олесни и мене.

Ајде кажи,

што треба да сторам,

дури и да морам.

Ајде кажи,

лице ти овенало,

очи ти говорат нешто,

ама, во душата сигурно има сешто.

Ајде кажи,

мисли многу ми се бројат,

не знаат да ми се скротат.

Ајде кажи,

да ти помогнам тебе,

олесни ми и мене.

11.05.2021

Марија Симоноска

Loading