АВТОБУСОТ КАКО ИГРАЧКА ВО ЖЕНСКИ РАЦЕ

Жаклина Андоноска (52), единствената жена возач на автобус на меѓуградски линии

Прилепчанката Жаклина Андоноска е единствената жена во државава, која е возач на автобус на меѓуградски линии. Успева безбедно да ги превезе патниците од Скопје до Прилеп и обратно. Нејзината животна желба да биде зад воланот, на патничко комбе и минибус, и се остварила со ангажманот во компанијата “Роман”. Почнала како кондуктер, пред една година и сега веќе безбедно ги превезува патниците дури и со автобус со 50 седишта. Сонот за да биде еднаква со мажите го доживеала по враќањето од Скопје и по менувањето на неколку работни места. Мотивот, да биде наследник на професијата на нејзиниот татко Борис, и бил исклучиво условен да работи во Прилеп и тоа, на меѓуградски релации.

– Како дете сонував дека го возам автобусот на татко ми. Бидејќи немав брат, сакав да бидам неговата замена. Верував дека кога и да е ќе ми се оствари желбата. Во 2002 г. положив за камион и автобус. А, за шлепер пред три години во Скопје каде живеев 16 години. Ги стекнав сите категории за возач. Дури имам и тахографска картичка од Министерството за транспорт и врски, која е еден вид дигитална евиденција со исполнување на одредени услови. На конкурсот за кондуктер, “поставив услов” дека сакам да бидам, и возач, односно сега сум помошник возач – вели Жаклина Андоноска, возач на автобус на меѓуградски линии.

о животот кој и донел голем број турбуленции, секоја шанса ја користела да седни пред воланот во автобусот. Ги возела колегите до текстилната компанија каде работела и назад. Направила обид да се вработи и во Пелагонија транс, но добила одговор дека жена – возач можеби ќе го наруши угледот на компанијата. Во Скопје се обидела да се вработи во ЈСП Градски сообраќај, но не успеала. Предност имале децата на вработените возачи. Никогаш не ја загубила надежта. Цврсто била решена да биде возач на автобус, но исклучиво да работи во Прилеп. Четири месеци седела дома без работа, ама шансата се создала во “Роман”, која била пресвртница. Професијата и е одговорна.

-Најважна е довербата. Почнав да возам првин комбе, па минибус. На автопат не е проблем да се вози автобус. Проблем се недозволено паркираните возила кои треба умешно да се заобиколат на улиците. Првин некои патнички забележуваат дека ги вози жена, но велат дека биле скептици, оти потоа биле воодушевени. Колегите, возачи, на крајот на патувањето, ми велат дека ми симнуваат капа. Поддржана сум од колегите. Од автобуска станица во Скопје ги возам патниците до болницата. Метежот не ме плаши.  Некои не можат да возат во Скопје. Навикната  сум на интензитетот на сообраќајот – вели Андоноска.

Животот и е умерен. Нема посебен режим, освен да биде доволно одморена и наспана.

– Кога сум напната и под стрес, возењето ме опушта. Сум седнувала во автомобил и да свртам неколку кругови низ градот и да се почувствувам подобро. Без мака кревам и куфери, кога се сака професијата. Како второ возило, речиси редовно имало снег на Плетвар. Не стравувам од временските неприлики. Имам повеќе трема, сега, со интервјуво. За два месеца сменив 11 возила, Спринтери, Исузи, Мерцедес, Сетра… Секое сакам да го пробам. Мерцедесите се најдобри, ми лежат – вели Андоноска.

Таа е доказ дека не постојам машки и женски професии. Постои само мерак, желба која, доколку премногу се посакува, станува реалност како од бајка.

ВОЗАЧ И ЗА СТРАНСТВО

Има сертификат и за превоз на патници во меѓународен сообраќај, во странство. Има искуство и со возење камион. Превезувала песок со камионче Застава од Кавадарци.

-Ако сакав странство да одам каде возач на камион како што има жени во Хрватска или Турција, ќе одев. Сакав да возам автобус на меѓуградски линии во Македонија. Не постојат, машки и женски професии.

СПРАВУВАЊЕ СО ПНЕВМАТИЦИ И КАИШИ

Умерена е и знае да се снајде и во непредвидливи ситуации.

– И некој патник да е настроен за кавга, смирено одговарам. Во Росоман ми пукна гумата. Се отстрани дефектот и стигнавме безбедно во Скопје. Ми се се скинато каиш двапати. Успеав да стигнам до автобуската станица.

АПЛАУЗ ОД ИЛЈАДА КОЛЕГИ

Вистински спектакл е Жаклина Андоноска, на меѓуградската станица во Скопје каде се сретнуваат и и аплаудираат колегите кои цел живот возат комбиња и автобуси низ светот.

– Таа е личност со цврсто изграден карактер. Има цел. Уверена е и одговорна. Знае да бара помош во вистинскиот момент. Успева да ги сервисира патниците. Им го сместува багажот, ги чести со кафе и седнува да вози – вели Жарко Ристески, сопственик на компанијата за превоз “Роман”. 

ЛИНИИТЕ ДО СКОПЈЕ КАКО ВО 1961 ГОДИНА

“Роман” ги врати старите меѓуградски автобуски линии од поранешната Пелагонија транс од 1961 година, без разлика на бројот на патниците.

– Поаѓањата од Прилеп се во 5.30 ч, 6.30, 9.30 и 14.30 часот. Враќањата од Скопје се во 8.30, 13.30, 14 и 18 часот. Го држиме сервисот на линии кој бил граден пред 60 години меѓу Прилеп и Скопје и обратно. Воведовме првпат во Македонија кондуктерки за помош на шоферите за билетите, багажот на патнците и подготвуваат кафе и ги почестуваат патниците со безалкохолни пијалоци. Возилата се чисти, безбедни и сигурни. Заштитен знак ни се униформите за да знаат патниците со кого комуницираат. Патниците навремено ги информираме – вели Жарко Ристески, сопственик на компанијата за превоз “Роман”. 

Планираат воведување и на сезонска линија кон Охрид.

Loading