МОРНИЦИ ОД НЕКОГАШНИОТ БИСЕР

МОТЕЛОТ “ЕЗЕРО” 

– Покрај забот на времето, вандалите го докрајчиле објектот

Со урнат покрив, без врати и прозорци, ѓубре и троскот на сите страни, мотелот “Езеро” над браната на вештачкото езеро, кој некогаш имаше сместувачки капацитет од 12 двокреветни соби и два апартмана, две сали – една со 200 седишта и друга со 150, како и летна тераса, опремен со кујна, бар, претставува морничава руина, налик на сценографија за хорор филм.

Со години пропаѓа познатиот мотел на 7 километри од градот што беше омилено место за одмор, рекреација и за веселби. Не се знае сопственоста, оти го нема во ниту една официјална катастарска парцела. Некои странци фрлиле око да го купат, но кога нема газда, не се знае кому да му платат и дали е можна легализација за атрактивната локација. Сепак, не изчезнува надежта дека ќе се најде инвеститор да го преземе, комплетно и во легална процедура да го врати стариот сјај на мотелот со излетнички простор и глетка кон езерото што мами.

Зенит ја надвладеа љубопитноста да види што останало од мотелот и да ги документира, покрај неизбледнетите спомени на многумина.

Првиот поглед е застрашувачки. Мотелот е запустен. Се распаѓа. Купишта ѓубре и градежен шут. Малку се трагите дека објектот бил мотелот во кој некогаш вриело луѓе, се правеле забави, свадби… Ги нема ниту буквите како остатоците од фирмата, сопственик, автотранспортното претпријатие Пелагонија турист. Ниту името не се знае од руината на брегот. Како што се чекори во внатрешноста, така “оживуваат духовите” од некогашното место за уживање со сите сетила, познато како елитно врталиште од седумдесеттите, осумдесеттите, па и деведесеттите години. На секој чекор крцкаат скршени стакла. Ечат и создаваат застрашувачка атмосфера во аветски објект. Внимателноста се крева на највисоко, оти не е исклучена опасноста од населени животни, покрај гнездата на разно-разни птици на распаднатите тавани.

Вџашеност буи и поради навирање на спомените на незаборавните прослави на Нови години, избори на спортисти, другарски вечери со познати естрадни уметници од поранешните ЈУ простори  Некогашниот грандиозен угостителско – сместувачки објект е претворен во тврдина од некоја хорор филм. Ризикот ѕирка од сите страни, оти е можно да се налета на дупки и отвори на подот. Мачнина доаѓа на душата ако се знае приказната што се крие низ лавиринтите на руинираните одаи, кои некогаш беа полни со гости. Мотелот не е докраден. Привлечен е за вандалите и за “случајните минувачи”. Кој знае какви тајни крие ова место што се распаѓа. Се шушка дека е легло на наркомани и локација за пијанки. Од дестинацијата остана само огорченост за некогашниот бисер. А што друго може да се  роди од купишта смет.

Низ мистичната прошетка се насетува големата сала. Ред парчиња стакло, ред скршени цигли… Затревена е патеката кон езерото, кон летната тераса. Низ остатоците од плочките никнуваат пиреј и жбунови. Поплочените скали се преполовени. Нужна е претпазливост при газењето. Мебелот одамна е однесен, освен шанкот. Низ пепелта ѕиркаат изгниени завеси кои биле украс на прозорците. Подот е искорнат до дното. Некогашното лоби е полно со срчи и остри предмети. Вандалите го докрајчувале со уривање на ѕидовите во потрага по електричната и водоводната инсталација за отпадите. Тек-тук се најдува некој прозорец, покрај влезовите во собите без врати и каси. Разотворено, искршено и дотраено. Го нема и малтерот. Кака што трнал грабежот, и циглите ќе ги снема. Наместо штекери, има само празни дупки. Балконите се без огради. Надвиснале и таванските трски. Пустош. Купишта ѓубре на сите страни, од ходниците до собите. Остатоци од шишиња, документи, свадбени мениа, сметки, фактури… Тие останале за “живи” сведоци дека имало ресторан, мотел…,  дека гости се воодушевувале на глетката кон вештачкото езеро и природната красотија.

Мотелот, за своето време, беше во категоријата со неколку ѕвезди. Раскошен, создаден од искусен архитект. Дотеран по современи стандарди со сите нишани. Послан со травертински плочки, топли подови од модерени материјали и уметнички дотерани ѕидови. И ресторанските сали блескаа со креативниот дрвен шанк.

Што може да се очекува од “тврдината” оставена на забот на времето, на негрижата и несовеста. На многумина им навираат солзи поради минатата младост во овој објект, каде не само што се раѓале првите љубови и симпатии, каде се “краделе” и првите бакнежи, туку и се крунисувале со бракови во свечен чин.

Сегашноста сведочи за тивката “смрт” на славното и популарно место. Се нарушува и живописноста на околината.

Се коментира дека е штета да пропадне толку голема градба. За да заличи на тоа што беше некогаш, покрај документацијата, се потребни и многу пари.

Нема крај тажната приказна на некогашниот бисер. Природата чекала, но не дочекала да дојде друг сопственик.

Loading