ГОРИ МЕРАКОТ ЗА ОПЕРЕТА

Речиси 70 години од првата изведба на сценско музичко дело во театарот

– Мамзел Нитуш го кренала градот на нозе во 1953 година, небаре е фудбал

,,Градот го имаше првото оперско крштевање во четири чина во 1953 година во стариот театар на Напе со претставата Мамзел Нитуш (Матмоузел Нитуш), на музиката на Ф. Херве и текстот на Х. Мелак и А. Миланд, во режија на Никола Автоски и под диригентство на Богдан Шиндилоски. Тоа беше спектакл што ги крена граѓаните на нозе повеќе од фудбалот, а ние, дваесетината членови на оркестарот, особено помладите, покрај актерите, сметавме дека сме важни, дека светот се врти околу нас”. Вака се сеќаваат на учеството во оперетата возрасните сограѓани Димитар Гугучески и Борис Клисароски. Двајцата жалат што поновите генерации на прилепчани не биле сведоци на воодушевувања од оперска претстава како пред повеќе од 65 години. Тие биле дел од оперетата која доживеала над сто изведби за повеќе од две години. Со 15-16 години, заедно со наставниците, свиреле на виолина како ученици во музичкото училиште и од неколку метри се восхитувале на играта на актерите на прилепскиот театар, Кирил Жежоски, Живка Георгиеска, Нада Гешоска, Ѓорѓи Ристески, Цане Настески, Блага Алампиоска, Марица Вркиќ, Олга Наумоска, Димче Шилоски, Веле Дукоски, Рампо Конески, Душан Наумоски, Нада Галеска, Соња Автоска, Методија Петкоски, Благоја Алексоски, Домна Иваноска, Орде Павлоски и Аце Михајлоски.

Пензионерите, кои тогаш биле тинејџери, паметат дека неколку години по војната било вистинско чудо на сцената од театарот да се изведи оперета и пристојно и комично да се долови атрактивната љубовна приказна со среќен епилог.

– Речиси сите ученици од училиштето со наставниците организираа оркестар на дувачки и жичени инструменти. Немаше хармоники, клавир, само виолини и дувачки инструменти, труби, кларинети, саксафони, флејти… Ни кажаа дека ќе подготвуваме музика за оперета под диригентската палка на Шиндилоски, кој беше и директор на музичкото училиште со неколку годишна традиција. Вежбавме според тетратките со ноти, а потоа и на сцена со актерите. Тие пееја само во дел од претставата, поединечно и како хор, поддржани од  оркестарот. Играа и танцуваа во дел од изведбата, но главно ги интерпретираа дијалозите од текстот, како што им режирал Никола Автоски – Боби – кажува пензионираниот адвокат Гугучески.

– Ми навираат импресиите на премиерата. Бевме млади без поголемо искуство. Рацете ни се тресеа и душата нé не собираше при дебитирањето пред многу публика. Трема на куп. Се потеа прстите на жиците и на гудалото. Образите се вцрвуваа, но сé заврши беспрекорно. Отсвиривме без грешка водени од маестро Шиндилоски. Публиката беше внимателна, а на крајот нé награди со овации и долг аплауз. Следните изведби течеа како подмачкано. Исчезна трепетот, туку во срцето се насели ведрина. И тоа чукаше во радосен такт и во ритамот на музиката што ја свиревме – се сеќава Клисароски.

На двајцата инструменталисти, виолинисти, не им бледнеат пријатните спомени. Како да било вчера. Биле полни со младешки жар и со музички елан да го освојат светот. И при сегашното враќање на минатото, меморијата им е јасна. Се гордеат што биле дел од пишувањето на една страница од градската музичка историја, за која сега речиси нема кој да каже нешто повеќе.

Клисароски и Гугучески жалаат што граѓаните не доживеале оперско задоволство. Велат дека сите се пооскудни со музичка духовна храна, ако не се земат во предвид повремените настапи со фрагменти на опери, на тенори, алтови, сопрани и басови, од Скопје на сцената во Прилеп. 

– Не сме биле сведоци на комлетна оперска претстава на некоја од прилепските сцени. Тоа е штета. При градбата на Домот на културата, архитектите не проектирале простор за оркестар од филхармониски размери во големата сала за да можат оперски актери да пеат и да играат или балетани да танцуваат на големата бина, следени од раскошни музички оркестри со десетици инструменти – велат некогашните виолинисти.

Како и да е, двајцата пензионери го дадоа придонесот да не се заборават времињата дека градот бил место на значајни уметнички настани, кои биле дел од културното дожување во сиромашниот период.

Loading