РАКОМЕТОТ СЕ ВРАЌА ПО 5, КОШАРКАТА ПО 9 ГОДИНИ

Универзална сала

Денеска (18,30 часот) во Универзалната сала ќе се одигра машкиот ракометен натпревар Прилеп – Еурофарм Пелистер, од 11. коло на Супер лигата. Мечот е враќање на публиката и ракометот во овој спортски објект по многу години. Последните мечеви беа меѓународни, на 3 и 4 септември 2016 година кога двапати се сретнаа Прилеп и швајцарскиот Винтертур. Тие дуели беа кусо доаѓање и веднаш враќање во училишната сала ,,Ричко,, каде клубот тренираше и ги играше натпреварите од домашното првенство. Претходно разделбата на ракометот со Универзалната беше во 2012 година кога пред 2500 гледачи имаше машки и женски ветерански дуели. Приходот од влезниците  беше за изградба на црквата “Света Петка” во Точила. Оттогаш се најавуваше реновирање, за конечно Агенцијата за спорт и млади да ја изнајми салата на РК Прилеп и КК Мега баскет.

– Некоја енергија се создаде и кај мене и кај играчите. Бидејќи се мошне млади повеќето никогаш не влегле и не ги знаат емоциите од публиката. Во сеќавање ми е 7 април 2002 година кога со Тутунски го освоив пехарот од Купот, а тој ми е последниот меч во салата. Се надевам на успешни настапи во овој објект – вели Горан Кузманоски – Таста, тренер на Прилеп.

Во пресрет на денешниот меч, екипата на Прилеп со убедливи 37:25 го совлада Астраион во Струмица, во Купот, со што е обезбедено учество во групната фаза.

И кошаркарите на Мега баскет почнуваат со тренинзи во Универзална. Кошаркари се видени последно во април 2012 година со клубот Кралеви, член на Втората лига. Сегашниов клуб Мега баскет е учесник во Третата лига Б-група. По последниот меч дома, во салата од ОУ ,,Добре Јованоски,, крунисан со победа од 92:80 против Куманово, претстои гостување на ИБА баскет во Скопје. На 27 ноември е дуелот против ривалот со најзвучно име – скопски Работнички во Универзалната сала.

– Пресреќни сме што тренираме и што натпреварите ги играме тука. Салата е прекрасна. Има струја и вода, паркетот е одличен, како и кошевите. Идеални услови – изјави Сашо Костоски, тренер на Мега баскет.

И женскиот ракомет, женската кошарка, одбојката и другите спортови можно е да се вратат во Универзалната сала.

Ракомет

Деспина испушти победа

Одличен меч на Деспина против фаворитот Чаир во Супер лигата. Прилепскиот тим водеше и со 4 гола разлика, но дозволи гостите да спасат бод во последните моменти за конечни 25:25. Стрелец на 6 гола беше Сања Цветкоска, а по 5 дадоа Елена Рипилоска и Ангела Камческа.

Следи гостување на Гевгелија.

Loading