ПИШУВАМ ЗА ДА НЕ ПАДНАМ НА ЗЕМЈА

Божана Тренческа, писател

Божана Тренческа е писател која годинава се закити со наградата, диплома Трети ноември, за постигнувањата во литературата низ годините. Особено во времето кога издаде повеќе творби, меѓу кои и  последниот роман “Албумот со спомени”. Според неа, тоа е албум со фотографии од присутноста, албум со фотографии од отсутноста, албум со фотографии на искричава љубов, бридави образи, спуштени прерамки…

За Тренческа наградата е признание за посветеноста во пишувањето од срце и со срце. Вели дека пишува поезија и проза. Како пензионер, пишувањето í е хоби кое ја “држи исправена да не падне на земјата”.

-Поезија пишувам во миг кога ќе ми дојде мислата. Кратко, како што е светнувањето при молскавицата. Миг и толку. Прозата е поинтересна и повеќе ме влече. Тоа долготраен творечки процес, што бара целосна посветеност, поврзување на нештата, заплети, разврски, описи – вели Божана.

Последниот роман “Албумот со спомени”, според рецензентот е споменар.

-Делото е роман за животот и смртта, за останувањето и заминувањето, за откорнувањето и вкоренувањето во земја која мајковина не е. Роман е за себеобвинувањето, за родителската љубов, за разбирањето при зачекорување на секое срце кое љуби. Роман е за втора шанса… Проза е што трасира патишта и навева љубов на сите свиоци и крстопати – вели Ѓорѓиевска.

Тренческа е член на Клубот на литературни творци – Прилеп. Издаала стихозбирки, книга со раскази и два романи “Бојана на Тодор”, кој е повеќепати наградуван  и “Наум и синовите”.

Loading