Денеска, напладне на Новите градски гробишта беше погребан Ристо Тошески Туло, авторот на мозаикот „Солза“ со ликот на Тоше кој се наоѓа во центарот на градот.
Тошески почина вчера на 56 годишна возраст, како последица од Ковид 19.
Прилепчани го знаат Ристо Тошески, освен како наставник по спорт и спортски активности во ОУ „Гоце Делчев,, и како мултиталентиран човек полн со ентузијазам. Автор е на грандиозниот мозаик „Солза“, посветен на ликот и делото на македонската поп-икона Тоше Проески, поставен во центарот на градот во 2012 година, на 5-годишнината од смртта на македонската музичка ѕвезда.
Мозаикот изработен од мермерни и гранитни камчиња има височина од 5 метри и широчина од 2,7 метри, а само ликот на Тоше зафаќа простор од 1,7 метри.
Тошески беше автор и на две сатирични книги: „Предизборни лигуши“ и „Од децата да си дочекате“ во кои го изразуваше револтот на обичниот човек.