ЗАМИНА КИРИЛ ТАВЧИОСКИ

Kiril TafcioskiНаместо – ин мемориам

,,Сé тече, сé се менува. При тоа ништо не згаснува, туку добива нов квалитет на постоење,,.

Деновиве се навршија 40 дена од смртта на Кирил Тавчиоски. Ние бевме другари, кои секојденвно, точно во 11 часот заедно го пиеја омиленото ,,макијато,,. И денес нашето друштво се собира во истото време за кафе, но Кире недостига. Кога доаѓаше, никогаш не ја менуваше својата патека. Ние и денес го чекаме да се појави на уличката по која се движеше, а таа уличка води од плоштадот покрај цвеќарницата, покрај дуќанот на Манчо, до нашата заедничка маса за кафе.

Неодамна кога разговаравме со пријателите за тебе, се сеќававме на твоите учества на олимпијадите, летната во Минхен 1972 и зимската во Сараево 1984 година, за случките за кои раскажуваше.

Кирил Тавчиоские еден од тие кои придонесоа за развојот на физичката култура во Прилеп. Знаеше во шега да каже: ,,Во физичката култура одработив колку за два животи,,. Всушност тој е еден од иницијаторите за формирање на СОФК-а, за изградбата на Градското воздушно стрелаштво, Зимскиот скијачки центар Плетвар, за спортско-рекреативниот центар Базен, за поставување на дренажниот систем, за потревувањето на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, за изградбата на салата за пинг-понг ,,Младост,, за изградбана Спортската сала ,,Македонија,,.

Тавчиоски не ги градеше спортските објекти со тули, туку тие беа изградени од неговата визија за развој на физичката култура, со неговата умешност со колегите да ги пронајдат финансиските извори, а потоа да дојдат и до наменските средства.

На крајот што може да се каже за животот кој минува без да се сетиме дека поминал? Во ,,Индиската приказна,, Херман Хесе ја открива вистината и смислата за постоењето. ,,Сé тече, сé се менува. При тоа ништо не згаснува, туку добива нов квалитет на постоење,,.

Продолжуваме да го пиеме нашето ,,макијато,и низ разговори да го чуваме споменот за Кире Тавчија.

Атанас Тасевски

Loading