НЕ СМЕЕ ДА СЕ СТАВИ ФЛАСТЕР ВО МЕСО БОЈА – ТУКУ СТРУЧНА ПОМОШ ЗА ЖРТВИТЕ ОД СЕКСУАЛНО ЗЛОСТАВУВАЊЕ

Милена Пашоска, магистер по детска и адолесцентна психологија и гешталт терапевт

Milena PasoskaПо скандалот кој го потресе Балканот за сексуалниот предатор во Белград и во Македонија, поточно во Прилеп, за жал, се појави случај со недолично однесување на тренер кој заврши во притвор. Тренерот по џудо ја злоупотребил положбата (допирал, бакнувал и обљубил малолетничка). За Зенит, стручно видување и како да им се помогне на евентуалните жртви побаравме од прилепчанката Милена Пашоска, магистер по детска и адолесцентна психологија. Таа своите постдипломски студии ги заврши во Лондон (на Универзитетот Гринич), а воедно е и гешталт – терапевт под супервизија.

Како се препознава сексуалното насилство?

За насилството може да постои сомнеж или да се препознае. Се препознава преку последиците што ги остава. Трауматското искуство ја менува личноста, но секој реагира на некој свој начин. Не постои унифициран одговор на било каква форма на злоупотреба. Може да има промена во однесувањето, појава на нови стравови, стрес, психолошка траума… Зависи од ранливоста или отпорноста, возраста, полот, колку долго траела злоупотребата, односот со личноста која ги злоупотребила, присуството на заштитнички врски и поддржувачка социјална средина. Заштитнички врски се сите оние здрави, цврсти врски со нашите најблиски, со пријателите, сите кои се засновани на здрави темели.

Какви личности се сторителите кои ја поминуваат границата на дозволеното и се однесуваат недолично?

Често таквите лица се, во отсуство на друг збор, со проблеми. Голем дел се лица кои и искусиле некаков вид на насилство во детство или биле запоставени. Емоционалното и физичкото насилство и запоставувањето повеќе се среќаваат кај семејства каде еден или двајцата од родителите имаат ментални заболувања, растројства на личност и/или злоупотребуваат супстанци (алкохол и/или дрога). Перцепирано насилство меѓу родителите, исто така, е еден од ризик факторите. Морам да нагласам дека ниту една психопатологија не е постојано поврзана со злоупотреба на деца.

Која е улогата на родителите? Влијанието на врсниците?

Родителите најпрвин мора да побараат стручна помош, да се обратат кај доктор, психолог и психијатар. И тоа не само за детето, туку и за нив, за родителите. Ова е процес на целото семејство. Родителите мора да бидат отворени за соработка и да се максимално присутни за нивното дете, посебно психички. Под тоа мислам на разговор, прифаќање, на поддршка, на безусловна љубов, да им пружат сигурност и заштита. Треба да направат сé што можат за да му обезбедат простор на детето во кој ќе се чувствува сигурно, заштитено и безбедно и физички и психички. Битна е и поддршката и од поширокиот круг. Да се даде искрена поддршка, без никакво осудување, посебно од врсниците. Важно е да се стави до знаење дека лицата кои злоупотребуваат други се малкубројни, да не речам и изолирани случаи.

Како да се  заштитат децата и адолесцентите?

Најдобар начин да се заштитат децата е да се сакаат. Да се сакаат многу, да бидете тука за нив, да ги воспитате и да им кажете и сето ова да им го покажете. Кога децата се свесни дека вие им верувате и верувате во нив, дека ги сакате и дека може да ви веруваат, сте го направиле најдоброто. Тогаш вие сте човек од доверба, и човек со кој можат да разговараат. Понатаму, битно е да знаат што е во ред и што не е. Битно е да знаат дека постојат граници, а посебно граници кои не смеат да се пречекорат. Накратко, сакајте ги и учете ги.

Каква психолошка помош им е потребна на жртвите, каква траума би носеле со себе во спротивно?

Стручна психолошка помош. На жртвите и на нивните семејства, им треба психотераписка помош од стручен и искусен терапевт кој ќе ги води низ процесот. Ги вклучувам и родителите затоа што се дел од целината која ја викаме семејство. И ним им треба помош, сепак и тие се жртви и им треба помош за сега и како понатаму. Ова е нешто на што треба веднаш да се реагира. Никако не смееме да ставиме фластер, во месо боја и никому ништо. Во тој случај, само тлее и гори одвнатре. Овој тежок товар може да се пројави и подоцна во адолесценција, па и како возрасна личност. Затоа да се реагира одма, за да се обработи на начин на кој ќе остави зад себе здрава и способна личност.

МОРА ДА СЕ ОСОЗНААТ ГРАНИЦИТЕ ОД СЕКСУАЛНА ПРИРОДА

Предметот сексуално образование – да или не?

Секако ова оди во корист за сексуалното образование на децата. Треба да се знае што е дозвола, како да се праша за дозвола, за љубов и задоволство, и ќе ги спомнам пак, границите. Мора да се осознаат и освестат границите од сексуална природа. Кој може, кој не и кога. Сепак, имајте го на ум општеството во кое живееме. Помладите генерации имаат многу поинакви животи за разлика од пред 20-30 години. Технологијата и интернетот нудат пристап до сéи сешто. Помладите генерации се поупатени и многу посвесни, и можат полесно и побрзо да дојдат до одговорите кои ги бараат. Насилството сега на некој начин е присутно во сечиј дом преку филмови и серии. Постојано сме изложени, и верувам дека тоа ја крева свесноста за тоа што е добро, а што лошо на повисоко ниво.

Loading