ПЕЈО КАЈ КЕНГУРИТЕ

Авионот слетал во Австралија, пренесувајќи го Пејо со големи куфери и патнички торби. Го пречекал внукот од седмо колено, Бино на дождливо време од кое влагата влегувала в коски

Во земјата на сите народи од светот, со гуњата од славното Мариово, тој го знаел овој далечен континент како рај за ловци на диви животни, одгледувачи на овци, кенгури…

Шетал низ улиците од Сиднеј. За чудо, го сретнал Насредин Оџа. Го загледал во паркот кај споменикот на кенгурите каде продавал боза. Бил интересен поради облеката, садот со боза, неколкуте чаши наредени на појасот. Викал на цел глас, рекламирајќи го пијалакот. Минувачите се послужувале и мрдале со главата. Некои се свртувале на другата страна и во шамивче се ослободувале од напитокот. Пејо се доближил и срдечно се поздравил со Насредина. Се прегрнале и ронеле солзи, радосници, оти се сретнале преку мориња и океани. Си кажале и по некоја досетка. Насредин плачливо раскажувал како му починала жена му Емине, како се ,,спасила од патилата и го куртулила од давачките,,. Пејо потсетил на чевлите од хартија, купени за Емине во Прилеп, на магарето што го продале на Алија заптијата, на Митрета касапот, кому му продале месо од прле, кажувајќи му дека е од теле и за ред други сојтарилуци.

Сретнал Црнци, Кинези, Јапонци, домородци и народ од Македонија, Србија, Грција… Се чудел на бојосаниот народ, од црни-поцрни од газерот на котлето од мандрата на татко му. Кинезите жолти ко смил, со очи одвај да им ги видиш. Индијците, ем црни, ем жолти. Домородците како брави во косиштата. За сите нашол опис.

Со табиет, нескротлив и на камен што се тркала, та не фаќа земја, се вработил кај богата вдовица. Слугувал и не се жалел, освен од масирањето на плажа и биењето мајтапа со саатот на нудистичката плажа што му го измислиле прилепските печалбари. Прошетал многу градови и села. Внукот го вработил и како фармер. Го оженил за фармерка, вдовица, со потекло од воденско, дојдена 50 години. Го почитувала, оти ризал и бил куветлија, издржлив. Којзнае до кога ќе останел на фармата, ако не му се случела маката со автоматската млекомолзачка и ако не паднел тешко болен од дождовите што не престанувале ниту дење, ниту ноќе. Внукот Бино се жалел на неблагодарноста на својот пра-пра дедо, зашто без збогум избегал што не е обичај кај Мариовците.

Loading