НОВ ДАНОК – КОВИД ЗА ЗАФАЌАЊА НА ПОГОЛЕМИТЕ СУБЈЕКТИ СО ГОЛЕМИ ПРОФИТИ

trajkoska 1Професор д-р Гордана Трајкоска – редовен професор на Економскиот факултет во Прилеп, проректор за финансии на Универзитетот ,,Свети Климент Охридски,, во Битола

Корона дијалози во рамките на Универзитетот ,,Свети Климент Охридски,, на тема ,,Влијанието на новите предизвици од пандемијата врз економијата,,

Сетот на мерки што ги презема владата во сегментот на буџетот и буџетската политика за да можат да се реализираат целите на фискалната политикаи да се обезбеди квалитет на јавните услуги, во овие услови на економски последици на здравствената криза, овозможуваат реализирање на стабилизационата функција на јавните финансии. Министерството за финансии презеде активности коишто имаат фискална, економска и социјална функција, односно задача. Здравствените работници за да ви го констатираат вирусот ќе ве затворат 14 дена и ќе се покаже дали имате или немате вирус, ама за 14 дена ако ги затворат економистите, тие во сегашната ситуација нема да можат да оценат какви ќе бидат економските последици од здравствената криза. Со тоа потенцирам дека економските последици од здравствената криза ќе бидат долгорочни. Затоа, со мерките на фискалната политика треба да се овозможи стабилизација на цените, стабилизација на вработеноста и стопански раст коишто во услови на воздржаност на приватната инвестициона потрошувачка треба да ја фаворизира јавната потрошувачка, којашто има мултипликативно дејство што јавните инвестиции треба да го добијат во услови на воздржаност на приватната иницијатива.

Сите мерки што владата ги донесува како Уредби со законска сила говорат за тоа дека Владата има одреден концепт според којшто товарот на кризата треба да се подели меѓу сегашната и идните генерации. Тука, пред сé, мислам на мерките во фискалната сфера, во сегментот на јавните приходи и на јавните расходи, што државата ги презема во смисла на обезбедување на бескаматни кредити, обезбедување на кредити со ниски камати, обезбедување на дополнителни средства со коишто ќе се финансира буџетската празнина, заради сервисирање на ликвидноста на деловните субјекти и сл.

Сите претходно споменати мерки се однесуваа на поделба на фискалниот товар меѓу фискалните обврзници во моментот кога се реализира буџетот. Вториот сет на мерки се однесува на пренесување на товарот на кризата и последиците од неа на идните генерации, односно концептот на задолжување којшто Владата го заговара, особено со распишувањето на еврообврзницата. Имено, се планира задолжување на Република Северна Македонија со издавање на еврообврзница во износ од 800 милиони евра, од кои дел ќе се употребат за сервисирање на долгови што пристигнуваат оваа и наредната година. Вкупниот долг којшто пристигнува за плаќање годинава изнесува околу 700 милиони евра, а долгот што пристигнува во наредната година изнесува околу 400 милиони евра. Тоа значи дека на Република Северна Македонија, за враќање на долгови што пристигнуваат оваа и наредната година и се потребни околу 1,1 милијарда евра. Дел од предложените мерки се однесуваат на јавните расходи што државата ги прави со цел да се зачуваат работните места, односно да не се отпуштаат вработените. Имено, од вкупно 70.000 деловни субјекти и самостојни вршители на дејност, регистрирани во Република Северна Македонија, околу 24.000 компании и вршители на дејност ќе добијат средства од буџетот во висина од 14.500 ден. по вработен (износ на минимална плата). Оваа мерка Министерството за финансии ја спроведува паралелно со мерката доделување на краткорочни кредити на деловни субјекти. Во овој момент деловните субјекти користат средства 50 милиони евра одобрени од Светската банка, а наменети за стимулирање на нивната ликвидност. По мое мислење, многу е значаен процентот на опфатност на деловните субјекти што ќе ја добијат оваа финансиска поддршка, односно средства од 14,500 ден. ќе добијат околу 24.000 субјекти, или околу 34 отсто од вкупниот број деловни субјекти регистрирани во Република Северна Македонија. Како директна последица на оваа мерка е фактот што  во април 2020 година бројот на невработени лица се зголеми само за 5.000 и со тоа се демантираа економистите, песимисти, кои предвидуваа дека бројот на невработените ќе се зголеми за над 20.000. Ќе видиме како ќе се одвиваат состојбите во наредните месеци, но сум сигурна дека ваквата буџетска поддршка ќе има значаен економски и социјален ефект.

Како значајна буџетска поддршка на деловните субјекти е и законската можност за повраток на ДДВ. Техничката влада во овој период врши континуирано враќање на ДДВ кое споредено со динамиката на враќање на ДДВ од претходната година, бележи дури и зголемување. Се надевам дека оваа обврска што ја има државата согласно со законската регулатива се исполнува непристрасно и неселективно. Ова сакам особено да го нагласам, бидејќи ние како држава имаме искуство дека враќањето на ДДВ во еден претходен период, не се вршеше секогаш навремено и врз основа на објективни критериуми.

На приходната страна на буџетот, како што потенцира и Министерката за финансии Нина Анѓеловска, е направена финансиска поддршка од 176 милиони евра добиени од ММФ. Заедно со средствата што од 110 милиони евра обезбедени со прегрупирање на јавните расходи кај буџетските корисници, планирани за оваа буџетска година, овие буџетски приходи државата ги пренасочи за буџетска поддршка на деловните субјекти за исплата на минималната плата. Буџетските приходи во овој период се очекува да се зголемат и преку зголемување на акцизата што како Уредба со законска сила беше донесена да се оданочи потрошувачката преку воведување на ваквиот данок на потрошувачка. Оваа мерка ќе обезбеди значаен прилив на средства, затоа што сите даноци на потрошувачка по својот карактер се издашни, и секогаш кога државата сака да ги зголеми приходите во буџетот, тоа го прави со зголемување на даноците на потрошувачка. По дефиниција, сите даноци на потрошувачка се неправични, затоа што не ги погодуваат подеднакво сите физички и правни лица, односно даночниот товар ги погодува многу повеќе субјектите што остваруваат помали приходи. Меѓутоа, зголемувањето на акцизата во овој момент е оправдено, особено затоа што цената на нафтените деривати покажува динамика на перманентно опаѓање што достигна дури и над 30 отсто. Тоа значи дека е неаргументиран револтот на транспортните компании дека зголемувањето на акцизата ќе предизвика зголемување и на нивните инпути. Намалувањето на цената на горивата требаше да предизвика и намалување на цените на транспортните услуги, ама ниедна од транспортните компании не ги намали цените. Владата требаше да биде похрабра во донесување на мерката и зголемувањето на акцизата не требаше да го врзува со цената на нафтените деривати и со периодот на траење на кризата.

Сведоци сме дека во овој кризен период успешно се сервисираат сите јавни услуги и се врши нормална исплата на сите трансфери, субвенции, плати на буџетските корисници, пензиите и сл.

Со ребалансот на буџетот ќе се изврши дополнително прегрупирање и пренамена на средствата што ќе биде во функција на обезбедување на квалитет на јавните услуги. Особено радува фактот што со ребалансот, минимално ќе се ограничат капиталните јавни инвестиции, односно и понатаму ќе се стимулира инвестиционата јавна потрошувачка којашто мултипликативно ќе дејствува врз порастот на потрошувачката воопшто. На тој начин ќе се овозможи компензирање на сите рецесиони движења коишто во наредниот период ќе бидат се поизразени. Во овој контекст е и издавањето на еврообврзницата којашто, со еден нејзин дел, ќе помогне не само во сервисирањето на долговите во оваа и во наредната буџетска година, туку и во обезбедувањето на дополнителни средства за нов пакет мерки со кои државата треба да ја стимулира јавната потрошувачка. Тоа значи дека ребалансот на буџетот е неопходен, а посебно е значајно тоа што со него не се жртвуваат капиталните јавни инвестиции.

Значајна буџетска поддршка на приходната страна на буџетот би претставувала можноста за воведувањето на нов, дополнителен данок на добивка којшто не е битно како ќе се именува, туку е битно дека тој ќе овозможи дополнително фискално зафаќање на профитите на деловните субјекти и порамномерно фискално распоредување на последиците од кризата. Вакво искуство со воведување на дополнителен данок на добивка, Република Северна Македонијаима пред 20 години и таквата мерка тогаш обезбеди значајни приливи во буџетот. Државата го има својот фискален суверенитет и ја има законската сила да ги регулира прашањата што се однесуваат и на приходната и на расходната страна на буџетот. Исто така, би препорачала засилување на мерките на контрола од страна на државните органи во врска со реалното утврдување на финансиските резултати и профитите на фирмите, со што ќе се ограничи можноста за даночна евазија. Овие мерки се многу значајни, особено заради фактот што во наредниот период проблемите што ќе се појават на приходната страна на буџетот ќе бидат поизразени.

Loading