СТРУЧЕН КАДАР ПО МЕРКА НА БИЗНИСОТ

Трибината  во Стопанската комора на Македонија.

tribina-24.9.2019-1

Недостатокот на стручен кадар, поради неусогласеност на вештините и компетенциите на понудата со побарувачката на работна сила, миграционата  политика и одливот на кадар од државата, следено со образовен систем кој не одговара на потребите на бизнис секторот беа дел од темите на трибината  насловена ,,Стручен кадар по мерка на бизнисот,, реализирана во Стопанската комора на Македонија.

Беа презентирани ставови од анализи на Комората во областа на образованието и работната сила. М-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија, истакна дека 80 отсто од активните баратели на работа се долгорочно невработени, главно поради недостиг на усогласеност на вештините и компетенциите.

-Нефлексибилниот образовен систем не одговара на бизнис секторот. Нема имплементацијата на законите и недостасуваат анализи за потребите на пазарот на труд. Анализите на организациите надвор од државниот образовен систем не се земаат предвид при креирањето на новите политики – додаде Јаневска.

Уписната политика не го следи стопанството. Недостасува соработка меѓу училиштата и локалните работодавачи. Спорен е и феноменот на товарање гимназиски паралелки во стручните училишта и образување кадри со општообразовни знаења. Важна е и практичната обука, која мора да биде составен дел на стручното образование. Со ова ќе се оствари визијата на создавање на квалитетен образовен систем. Тоа е 70 отсто стручно образование, а 30 проценти гимназиско.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека идејата за увоз на работна сила не е нешто неможно.

Истражувачот на пазарот на труд проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, смета дека образованието треба да креира вештини, а не само знаење. За компаниите е клучно потенцијалните работници да знаат што и како ќе работат, а не да имаат општа наобразба.

tribina-24.9.2019-6

Во улога на работодавач, Ирена Јакимовска, коосновач на Комфи Ангел, акцентираше дека фокус за развој на секоја компанија е човечкиот капитал. Бизнисот се наоѓа пред предизвик како да ги одржат фирмите и да го оправдаат вложувањето и развојот со години во услови на недостиг на  стручен кадар. Преку примерот на Прилеп, Јакимовска вели дека во Заводот е евидентира 11.524 невработени, од кои 70 отсто се активни баратели. Голем дел немаат мотив за работа и не се јавуваат на огласи. Реален проблем се мајсторите кои непријавени заработуваат повеќе, отколку да бидат вработени кај работодавачи. Дел се и корисници на државна помош. Затоа, Јакимовска е на став глобално да се гледаат работите и да не се исклучува можноста на увоз на работна сила во земјата.

Благоја Самакоски од Микросам посочи дека стопанството го интересираат високостручни, но и стручни кадри со средно образование. Треба да им се даде можност на компаниите да ги обучат кадрите со потребните вештини, за што би се здобиле со сертификати кои ќе бидат доволни за вработување.

Се размислува за позитивни кампањи за потенцирање на бенефитите од вработување во приватниот сектор за привлекување на младите невработени лица. Администрацијата е најголемата конкуренција на вработувањето во приватниот сектор.

Затоа се заклучи надлежните државни институции да влијаат на спречување на емиграцијата од државата преку зголемување на квалитетот на живот. Обезбедување алтернативна работна сила преку промовирање и поддршка на концептот на внатрешни миграции и олеснување и забрзување на постапките за обезбедување на работни дозволи за странци. Системско решавање на дуалното образование.

Loading