Витаминка
Витаминка ќе додели 4 целосни стипендии за додипломски студии за академската 2019/2020 година. Две ќе бидат за Машинскиот факултет во Скопје, и тоа во некоја од насоките производно инженерство, материјали, процеси и иновации, индустриско инженерство и менаџмент, мехатроника, автоматизација и управувачки системи, а другите две за кандидатите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, за некоја од насоките електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија; електроенергетика, управување и менаџмент.
Со стипендиите Витаминка ги поттикнува младите да го изградат својот професионален профил во некоја од техничките насоки и ги повикуваат да се пријават на конкурсот.
-Стипендиите се во склоп со нашата корпоративна одговорност и со компаниската филозофија за значењето на стручното високо образование како и константната потреба од вакви кадри за производните процеси. Затоа, стипендиите се лоцирани во машинските и електротехнички насоки, каде веруваме дека има големи капацитети и уште поголеми потреби, а сето тоа отвора и многу можности за образованите академски граѓани да станат професионалци – велат од компанијата.
Кандидатите треба да ги исполнуваат критериумите од конкурсот, да покажат желба и амбиција за образување во овие области. Студентите кои ќе ги добијат стипендиите ќе бидат обврзани за редовно студирање и запишување на семестрите како и на задолжителна феријална пракса во Витаминка, во текот на летниот период во траење од најмалку 30 дена.