ВОДАТА НА КАЛУСОЕЦ

Преданија

cesmata kalusoec

На повисоките падини на Селечка Планина кај врвот Коњарник се наоѓа локалитетот Калусоец, познат по неколку преданија, раскажувани од жителите на селото Кокре.

Според едното предание во старо време на Калусоец имало езеро. Некој Влав таму чувал овци, кози и говеда. Бил многу богат со момок од селото Гуѓаково. Момокот научил дека водата од езерото излегува кај Гуѓаково. Ги пуштал овците низ вода, а долу кај изворите ги земал неговиот татко. Влавот забележал дека стадото му се намалува. Го барал виновникот и го фатил момокот како пушта овци во езерото, та зел и го фрлил во водата. Татко му на момокот, наместо овца на изворите, го дочекал удавен синот. Подоцна на Влавот му се удавил синот и тој го затнал со дрвени колци и волна и заминал.

За езерото на Калусоец е поврзано уште една легенда. Некогаш во Кокре имало некое семејство Бојаџиовци. По него има многу траги околу селото, како гумното, пештерата Бојаџиево и сл. Тие имале некој бик од 7-8 години кој пасел на местото Ливада. Оттаму тој одел на езерото и цело време се борел со некоја ѕвер. Кога ќе се врател бил целиот испотен, жива вода како да орал. Не се знае како завршила борбата, кој победил во мегданот меѓу бикот и стијата, ѕверот.

Освен овие стари преданија постојат и приказни поврзани со водата од Калусоец.

Тројца жители на селото Селце, од другата страна на планината, ја барале водата од Калусоец. Тие копале и извадиле некои трупци од земјата. Излегле 5-6 црпки вода која излегувала нагоре. Едниот сонил сон дека некој мора да загине, бидејќи водата била затната со курбан и со курбан мора да биде и отната. Човекот заминал, а по него и другите двајца. И кокречани ја барале водата. Копале канал до езерото, но ги фатило невреме со снег. Прекинале и не се вратиле.

На Калусоец се потврдуваат потрагите по ,,езерото,,. Локалитетот е полн со места со постојана вода и кал во која се пропаѓа. Таму и денес постои извор со вода со чешма.

Извор pelagon.mk

Loading