Еден овчар се борел за правда цел живот. Не крадел, не завидувал, не пцуел, не лажел, верувал во Бога. Бил личен и чист како солза. Намислил да се причести на првиот ден Велигден, откако ги минал постите. Утрото тргнал в црква на причесна во свечената облека. По пат сретнал една жена која го бендисала. Му рекла дека ќе ја израдувал ако í направел еден врел ќеф. Овчарот ја одбил, оти се исповедувал на Бога. Не сакал лошо да í стори на душата, ниту на други. Чекал за причеста, а жената го молела до Бога.
-Со устата ништо нема да каснуваш, да се омрсиш – му рекла.
Мажот не попуштал. Не í ја исполнил жешката желба. Овчарот заминал в црква, а жената го проколнала.
-Голем грев да те фати. Свеќите што ги палиш за здравје да ти ги гасат!
Во црквата купил свеќи. Гледал дека сите верници на грбот носат по еден самар, а попот два. Кога сакал да ги запали, свеќите не гореле, туку гаснеле. Го гледале верниците и попот, додека се мачел, а свеќите не се палеле. Попот дошол да му поможи, а овчарот прашал.
-Не знам зошто не ми горат свеќите?
-Погледај во верниците. Што ќе забележиш? – му рекол попот.
-Сите верници имаат по еден самар на грбовите, а ти имаш два самари.
-Верниците имат по еден грев, а јас два грева. Свеќите ни горат. Сите и гледа во тебе, како не ти горат свеќите. Се прашуваат, колкав грев си сторил. Сигорно повеќе од два самари?
Човеков се исповедувал дека не убивал, не крадел, не лажел, ги постел сите денови за причеста.
Попот му рекол.
-Твоја работа е што си правел. Свеќите не горат, оти си сторил некој голем грев.
Овчарот се сетил на жената што не í ја свршил саканата работа, дека го проколнала да не му горат свеќите на првиот ден, Велигден. Откако се исповедал, попот му рекол.
-Од гревот спрема жената, Господ ти пишал голем грев. Денес е голем ден. Секој сака со нешто да се радува. Таа сакала да í ја израдува душата. Требало да í ја исполниш желбата. Си ја одбил. Останала гладна душа, како да не си ја нахранил на празникот голем. Немаше со уста да јадиш и да се омрсиш. Ќе се причестеше и ќе беше праведен. Излезе од сите најгрешен. Господ ја заведува двојно грешката на празник. Пази се да не ја повториш грешката! – го опоменал попот.