ГРАДСКА НАСЕЛБА СО МАКЕДОНСКИ ГРОБНИЦИ

ЛОКАЛИТЕТИТЕ ОРЛОВ КАМЕН И МАЛ СУРУН КАЈ СЕЛОТО ДУПЈАЧАНИ

makedonska grobnica

Локалитетите Орлов Камен и Мал Сурун кај селото Дупјачани и Горно Село се наоѓаат во катаклизмична состојба. Разорани се културни слоеви и до неколку метри. На површината е изобилство од керамика и друг археолошки материјал. Дека на овој простор егзистирала древна населба со димензии на антички град, сведочат многите културно преобразени карпи, богатата керамика и големата површина на двата локалитети.

Орлов Камен претставува рид, кој завршува со остра карпеста тумба и стрмен дел. На просторот има и платó и благи падини. Во близина има мал превој кон ридот Сурун. Катаклизмичната слика ја создаваат разораните површини направени со тешка машинерија. Уништени се многу културни антички слоеви. Археолозите ги датираат наодите од римскиот период,. Познати се локалитетите Гробишта, Лозја, Петро Ливада и Селска Црква, каде е регистриран еден надгробен споменик од римско време со релјеф. Можат да се видат помалку или повеќе обработени елементи од мермер. Има и темели од стара градба и купишта градежен камен. Од локалитети потекнуваат монети од македонскиот период, како две монети од кралот Филип 2 Македонски од блиските локалитети Асаница и Ризоец кај Горно Село. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови од раната антика, односно македонскиот период. Може да се пронајдат  фрагменти од квалитетно обработени керамички садови, познати како мегарски чаши. Наодите потврдуваат дека големата населба настанала во времето на македонската империја.

Во близината се и аристократските гробници, познати како гробници од македонски тип. Карактеристични се за просторот на древна Македонија како објекти за погребување. Датираат од 4 до 2 век п.н.е. Македонските гробници од Горно Село се целосно издлабени во карпа, со правоаголен влез, две простории, од кои една преткомора од 3м2 и главна комора од околу 4 м2. Имаат посебно длабено корито на подот на главната комора, во кое се ставале кремираните остатоци на покојникот. Пет од гробниците се на соседниот локалитет Тумба, оддалечен од Мал Сурун околу 1 км. Со анализа се констатира дека древните жители имале посебна дарба за обработка на каменот. На тоа упатуваат повеќето издлабени и оформени објекти и разновидни интервенции по карпите , како квалитетно обработени скалести форми, помали и поголеми корита, цели израмнети вертикални површини и сл. Објектите и интервенциите на карпите, на локалитетот му даваатобележје на атрактивност. Некои од карпите се, речиси, целосно обработени и добиваат форма на културни објекти од времето на егзистенцијата на населбата. Присуството на многу обработени камени форми се должи на истите мајстори, кои ги издлабиле македонските аристократски гробници кај Горно Село. Па дури и тоа дека гробниците им припаѓале на жителите на населбата расположена на Мал Сурун.

Во 2004 година локалитетот е разрорен во средиштето, на повисоките падини, каде машините копале големи површини, при што испревртиле слоеви со керамика, како градежна, која е доминантна, така и керамика од садови, разни тегови, цигли и сл.. На места има и фрагменти од ѕидови од древните градби. Иако локалитетот е регистриран како населба од римското време, тоа не било пречка да биде издаден под концесија за истражување и експлоатација на гранитен камен. Денес гранитот се експлоатира од северната страна на Мал Сурун. Дали на ваквото ,,истражување,, се должат и рачно раскопаните дупки меѓу карпите од највисокиот дел или тие се направени од поинакви трагачи, тешко е да се каже. Културни слоеви се уништени и со отворањето на два патишта. Според кажувања на жители, ,,катаклизмата,, се должи на потрага по извесно скриено богатство. Се тврди дека била пронајдена ,,старата црква,,. Не е познато за а каква црква се работи.

Големото присуство на керамика покажува дека населбата била од особено значење, не само за заштита, набљудување на околниот простор, туку дека живееле повеќе луѓе подолг временски период. Дали некој од надлежните институции ќе се обиде да го заштити, барем она што останало од културните слоеви, тешко е да се претпостави. Имајќи го сознанието од досегашната практика, институциите ја губат битката за заштита на  непроценливо културно наследство.

Последниве години, надлежните институции презедоа извесни истражувања и заштитата. Првите сондажни истражувања се веќе направени. Откриени се остатоци од две градби ѕидани со камен, како и извесно количество движен археолошки материјал, според кој се констатира постоење на населбата од 3 век п.н.е до 4 век н.е.

Loading