Фотографијата од пред 60 години сведочи дека биле во право прилепчани, на кои, пробивањето на новиот булевар, под кој настрадале многу чикмаци и дуќанчиња, им изгледало како да се гради авионска писта. На широката улица, освен по некој минувач, ретко да минело некое моторно возило. Булеварот, послан со гранитни коцки бил лезет за арабаџиските коли и магарињата. Пространоста сведочи дека архитектите ја проектирале улицата за околу 30 години да биде главна и комотна сообраќајница, широко шеталиште, оградено со паркови, липи и зелени огради.
Времињата не стојат. Дојде периодот кога на улиците нема место игла да се фрли од автомбили, покрај проширувањето на булеварот. А магарињата и запрегата останаа само за на слика, да им сведочат на помладите генерации дека некогашната авионска писта, сега се претвори во сокаче.