ИСТОРИСКИ РАСКАЗИ ОД МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски

Skanning 20181002

Глава 1

Марулецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, меѓу бројните записи и сеќавања кои ги собрал, се и оние за настаните од Втората светска војна. Ги зачувал прибелешките во кои опишува случки кои му оставиле длабоки траги во меморијата, а кои биле поврзани со неговите блиски. Негова  цел е да ги пренесе приказните од народноослободителната борба користејќи разговорен јазик. Не е прв пат Томе Велјановски да пишува за селото Марул. Во изминатиот период на страниците на Зенит ги пренесовме неговите белешки за родословијата во овој крај.

(2)

Откако борците на бригадата завршиле со ручекот тргнале во колона предводени од Велјаноски Благоја, отишле право кај Василоски Милан Борачо. Командантот Дончо свикал: Милан, Милан! На прозорецот се појавил татко му Стојан и им рекол дека Милан е на бостан, да го почекаат, ќе си дојди. Командантот Дончо рекол дека немаат време да чекаат и го прашал водачот Велјаноски Благоја: Момче, ќе не носиш кај Танески Димко? Благоја му ја покажал куќата од Димко која се наоѓала на 200 метри пред милановата куќа. Наближал командантот Дончо кон димковата куќа и гласно викнал по Димко. Се појавил Димко и дал одговор со цигарата во устата: Бујрум, кој е, ајдете за по една ракија! Командантот Дончо му одговорил: Ајде со нас, сега немаме време за ракија, држава правиме, кога ќе ја направиме државата ќе пиеме ракија. Димко пријателе мој, сега со момчево Благоја ќе ни го покажите патот за с. Канатларци! Велјаноски Благоја изусти, го прашал командантот Дончо: Бидејќи сум бос, дали може да појдам дома да си земам обувки? Командантот му дал одговор: Ти си млад, ќе издржиш без обувки!

Водачите на бригадата Благоја и Димко напред, по нив во колона бригадата, за еден саат пешки одење стигнале квечерината на сред село во Канатларци, по барање на командантот Дончо била направена средба со канатларчанецот Алија Џафероски Ашлако малце одалечени од бригадата со тивок разговор помеѓу нив двајцата. Штотуку завршил разговорот помеѓу Дончо и Алија, бригадата во колона тргнала надолу према с. Ерековци за да изврши напад на мостот на реката Црна под селото Тополчани за да го попречи германското повлекување Битола -Прилеп. Мостот бил нападнат од страна на бригадата, но Германците имале јако обезбедување, со тешко оружје и не дозволиле мостот да биде оштетен, срушен. После овој напад бригадата се повлекла према с. Шелеверци без ниту еден ранет и убиен борец од бригадата.

Бригадата во с. Шелеверци дошла на полноќ и командантот Дончо ги прашал водачите Благоја и Димко дали го познаваат Кајкија Тасе и дали знаат во која куќа живее. Благоја одговорил дека ништо воопшто не знае за него, додека Димко рекол дека има слушано за него, но лично не го познава, исто така не му е позната неговата куќа, но ќе го пронајдат. Благоја и Димко преку познати на Димко го пронашле Тасе Кајкија. Тасе направил некој таен разговор со командантот Дончо и бригадата продолжила да оди за село Алинци. Штотуку наближале до с. Алинци, водачите Благоја и Димко биле запрашани дали го познаваат Ристе Вишино. Благоја одговорил дека е премлад, ниту слушнал, ниту познава таков човек, а пак Димко одговорил дека има слушано за него, ама не знае каде живее. Има свои роднини и преку нив ќе биде Ристе Вишино пронајден. По кратко време дошол Вишино, направил таен разговор со командантот Дончо и се вратил дома. Откако се разделиле Ристе и Дончо, партизаните фатиле позиција источно од с. Алинци, по брегот фрлиле неколкупати рафали со пушкомитралезите долу под селото Алинци кај чешмата во случај да не има паркирано германска војска која одмара. Не се дало некој сигнал дека има. Бригадата на партизаните се осигурала дека одморалиштето е празно. Но, одеднаш згрмело германското оружје од повеќе врсти и со светлечка муниција светнал брегот над с. Алинци. Партизаните возвратија но со помал капацитет на удар, брегот врие како град да паѓа од куршуми, партизаните се повлекоа према Коморчани за према Каракамен. Самите водачи, бригадата ја повлекле преку Коморчани кога дошле на источната страна на Каракамен веќе било провидено и во Гладница, местото на патот Марул – Канатларци забележале четири запрежни коњски коли кои си оделе за Канатларци.

Бригадата се вратила во базата во тремот на црквата утрото со ниту еден убиен или ранет борец од толку германски куршуми преку нивните глави. Се потврдило дека канатларските запрежни коли во тремот во црквата во Марул донесле три коли со лебна храна и една кола со сувомесна прехрана. Марулци дотерале шест коли со лубеници, една кола со дињи и една запрежна кола со три полни коша со грозје. Сета оваа храна како заштита од сонцето била сместена во стената во јолеската ограда каде никогаш сончева светлина не допира. Откако бригадата се прибрала во базата, командантот Дончо ги ослободил да си одат дома водачите Благоја и Димко и по три дена да се јават во село Бонче, оттаму ќе добијат распоред во која единица ќе бидат распоредени за служење војска.

Откако се одмориле борците и преспале, почнале да сечат од лубениците да вечераат, имало доста корупки во реките. Идејќи си селските говеда и коњите се задржале по корупките. На борците им требало уште товорити добитци. Мурџески Јованчев Богоја, осмогодишно дете, дошло да си го забере нивниот коњ. Двајца од борците коњот го бендисале, ама за да не го исплашат Богоја оделе по него и отишле дома кај Мурџевци. Му ја кажале вистината зошто се дојдени. Јованче како напредџија во куќата му го дал коњот со се самарот. Втор коњ што му се допаднал на партизаните бил коњот на Трајан Павлески. Двајца борци го прателе, отишле по него кај Павлевци во дворот, го фатиле, му го ставиле самарот и го дотерале кај црквата. Ги ортомисале, ги чувале додека бригадата престојувала во Марул.

Наредно дошле колеските магариња во реката кај црквата да јадат корупки. Борците го фатиле магарето, ги пронашле стопаните, го зеле самарот и бригадата се сторила со четири товарни добитци.  

(продолжува)

Loading