МАШКО ТАЈАНЕ

Lezetski maski piknik

Одсекогаш луѓето барале излез од монотоното секојдневие и измислувале марифети да се расположат и да ги заборават малите или големи животни маки. Им здодевала рутата “куќа-работа-куќа” и машките домаќински работи. Па секој слободен миг го користеле да се соберат во  друштво и асолно да се мајтапат и да направат машки муабет. Во недостиг на ТВ, друштвата од по пет – шест души го “одврзувале јазикот” во некое место за починка со задолжително друштво од алкохолни пијалоци.

Во моментот кога е чкрапната фотографијава, сигурно имало некој “недотолчен”, да го стегне копчето на фотоапаратот, без да го измести. Се гледа дека добро се подготвиле да í речат збогум на паметта. Распослале ќебе на полјаната, се раскомотиле, ги соблекле и чевлите и мавнале да ги празнат двете гајби со вино и пиво. Стигнати се на половина пат, а изгледа дека поминала фазата за муабет, па тргнале да викнат некоја песна. Сепак со виното и пивото, како обичај е да се има и нешто за мезење. Колку помрсен мезалакот, толку послабо влегувал алкохолот во крвта, што водело до убаво “дотерување”, а не веднаш да се “отранчат” и да заспијат. Затоа набавиле и некој сувомесен производ, а зад ќебето можеби е разгорена и скара за плескавици, стекови, ражен или нешто друго.

Фотографијава е сведок, зашто никој не се сеќавал наредното утро на случувањата.    

Loading