На еден Велигден Пејо немал чевли, та позајмил чизми од соседот – чорбаџија – да се фати на оро на сред село. Се разиграл, се раскршил, камења корнел со чизмите.
На чорбаџијата му се сторило дека ќе ги искине па му рекол:
– Пејо, полека, ми ги искина чизмите, што ќе обујам утре!
Сите на орото слушнале дека Пејо игра со туѓи чизми. Тоа го навредило и веднаш ги собул и му ги фрлил чизмите на чорбаџијата.
Тоа го гледал друг чорбаџија, та го свикал Пеја настрана. Му шепнал да отиде дома и да í рече на жена му да му ги даде неговите чизми. Отишол Пејо и за миг се вратил и пак го повел танецот.
Кога минал пред овој чорбаџија, тој уште посилно од првиот почнал да вика:
– Рипај, Пејо, нарипај се, искини ги, стопанка им, не ги жалам, Ми дал господ, нови ќе си купам.
Пејо веднаш застанал, ги собул и овие чизми и му ги фрлил и на овој чорбаџија како првиот, велејќи му:
– На ти ги твоите чизми. Ќе си играм со моите – и го повел орото бос.