„НИШТО БЕЗ ТРИФОЛИО“ НА СЦЕНА

Театар

Kole Angelovski povtorno rezira    komedija vo prilepskiot teatar

„Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски е првиот проект годинава на ансамблот на театарот. Станува збор за весела комедија, која, како што вели авторот Богдановски, е напишана во грчко римски стил. Премиерата ќе биде наскоро.      

Според режисерот Ангеловски, текстот бил дебитантски, пред 30 години. Првин бил поставен во МНТ, а потоа го режирал во Куманово. За него е интересен и затоа повторно се навраќа.

– Основната тема е љубовта. Или се што се случува на сцената, односно сите сплетки се поврзани токму со љубовта. Главен двигател е богот Амор кој ги предизвикува ситуациите. Понекогаш има грешки и забуни. Многу убав текст. Одлично е напишан со повеќе ликови. Со прилепските актери ќе направиме потсетување на навивачките групи. Актерите ќе бидат фаланга, ќе прават претстава на плоштад, на кој наместо Александар, е Амор. Оттука тргнува претставата, која ќе биде интересна и публиката ќе сака да ја гледа – вели режисерот.

Ќе играат Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска, Ангела Наумоска, Илија Волческа, Александар Тодески, Марјан Чакмакоски, Димитар Црцороски, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С.Илиеска и Михајло Миленкоски.

Сценографија ќе е на Илина Ангеловска, костимите на Раде Василев, а музиката му е доверена на Томе Темелкоски. За кореографијата ќе се погрижи  Кире Миладиноски.

Со претставата се актуелизира домашната драматургија. На помладата публика í се нуди претстава од забавен карактер.

Театарот годинава ќе ги подготви и преставите Клетници од Виктор Иго,  во режија на Мартин Кочовски и Галоп на радоста од Ивана Нелковска,  во режија на Илина Ангеловски.

Loading