ПРВОНАГРАДЕНИ ЛИЧНИ ТВОРБИ (ПЕСНИ) НА КОНКУРСОТ НА ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“-ПРИЛЕП, ПО ПОВОД МЕСЕЦОТ НА КНИГАТА ЗА 2016 ГОДИНА

Освоено прво место во Прва категорија (ученици од I до V одделение)

Петар Мирчески  од V-Б одделение во ООУ „Рампо Левката“ Прилеп, за песната „Во потрага по здрава храна“

Освоено прво место во Втора категорија (ученици од VI до IX одделение)

Марија Христоска од VII-2 одд. во ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп, за песната „Погледни, природа“

Освоено прво место во Трета категорија (ученици од Средните училишта)

Христина Петкоска од III-1 клас во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп, за песната „Нека ти бидам љубена жена“

Наградена песна од Четврта категорија (Членови на литературни клубови и Студенти)

Лидија  Бабарчиќ II година на Правен факултет Кичево, дисперзитивни студии Битола


Во потрага по здрава храна

 

Нашата земја мила

Секогаш од Бога дарувана била.

Во неа најубав зеленчук и овошје

Се раѓа, па затоа и на

Нашите соседи им праќа.

 

Предлагам на патување низ

Нашата земја да тргнеме

Што сé во неа ќе најдеме

Да откриеме.

 

На исток Берово, Делчево

Расадници со модри сливи

За компоти, мармалади и слатки разни.

Кочани со бел ориз полето

Го послало, за вкусниот кочански

Сутлијаш надалеку се слушнало.

 

Струмица најубавите домати

И пиперки ги дава, за салати

И зимници тоа е одлука права.

Валандово најубавите калинки

Ги нуди, нивниот најубав сок

Кој не го пробал нема право да суди.

 

На запад Дебар, Кичево и Гостивар,

На овие места кој ќе појде без

Вреќа костени и ореви да не си дојде.

Струга, Охрид со езерското синило

На вкусна пастрмка ве мами.

 

И на гости и слатка закуска ве кани.

Ресен – тој град е премногу тесен

За да ги собере сите јаболка

Црвени, жолти и сочни набрани

Од расадници сортни.

 

Па затоа низ него штом минеш

Најубави јаболка на дар ти даваат

И со поздрав и насмевка те испраќаат.

Пелагонија рамнина е наша благородна

Со најубаво жито таа е полна.

 

Златно жито таа ни дава

Во колачи, пити и бело лебче

Што се става.

Во Кавадарци, Неготино штом стигнеш

најубавите лозја ќе ги погледнеш.

Од нив се бере грозје белo и црно

Слатко и зрело до последно зрно.

 

Од него најубаво вино се прави

За слава и вечнос на нашата

Земја да се наздрави.

Богата е нашата земја мила

Таа многу гладни усти нахранила!

 

Петар Мирчески V-Б одд. ОУ „Рампо Левката“ Прилеп


Воз без патници

 

Долги ноќи сибирски и тешки горчливи издишки..

Врели усни, мрачна тишина и

вжештен жар кој ми ја пече душата…

Оловниве чекори тетеравејќи се како лисја есенски

бавно се придвижуваат како со окови

приклештени од постела до прозорот

и од прозорот до постелата која ми стана како гроб

а собава мрачна гробница…

Додека телово како распаднат леп

Безволно и безживотно лежи во постелата проклета,

Стрелките на часовникот неуморно кружат, а

Времето чиниш застанало…

Улични светилки, есенски суров ветер и лисја распослани

Ја красат долгата пруга без почеток и крај,

По која ита возот без крајна станица…

Виолината заводливо ми примамува сеќавање од кое

Срцево чука лудо додека крвта вжарено струи низ вениве…

Сеќавањата надоѓаат како силна бура

Истурајќи тага врз образиве

И ете го повторно истиот невин поглед,

Истото синило небесно во неговите очи

Кој некогаш ме3 оживеа за подоцна

Да ме убие засекогаш…

 

Лидија  Бабарчиќ II година Правен факултет Кичево, дисперзитивни студии Битола


Нека ти бидам љубена жена

 

Ако љубовта е болест,

Вечно нека болувам јас,

Ако душава нема совест,

Казна нека ми биде да те сакам довек.

Ако оково само мрак гледа,

Вечно нека тонам в темнина,

Ако ушиве останат глуви,

Нека не слушаат повеќе никогаш.

Ако срцево за болка не знае,

Ракава за друг нека дознае,

За љубов нека бидам гладна,

За твојот допир страдна,

Вечен роб нека ти бидам,

Вечна слуга што само љубов ќе ти служи,

Скршена жена

на која освен болка ништо друго не ѝ пружи.

Нека ти бидам и тага и среќа,

И омраза и љубов,

И светлина и мрак,

Нека ти бидам сé за што досега си сонел,

Нека ти бидам љубена жена.

Нека бидам и скршена и повредена,

И ранета и не долечена,

Нека бидам сé што окото ти сака,

Нека ти бидам и добрина и мака,

Нека ти бидам љубена жена,

Ангел чувар над твојот лик,

И отров и лек,

Само дај да ти бидам љубена жена.

Зошто срцево само за тебе знае,

И кога те колнам и мачам,

Секоја вечер по тебе плачам,

зошто љубовта од срцето ти ми ја зеде

од бела, во црна душата ми ја смена,

ми остави болка, тага, сé што е клето,

кон тебе ме врза проклето.

Ме врза со катанец што клуч нема,

На вечна љубов ме заколна.

Нека ти бидам љубена жена,

Што освен љубов нема што да ти даде,

Нека ти бидам љубена жена,

За тебе само што ќе знае.

 

Христина Петкоска III-1 клас СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп


Погледни, природа

 

Погледни,

повторно се занесува небото

си мисли на планината и го топи егото,

таа стои исправена, цврста и силна,

но сите знаеме дека во душа е милна.

 

Погледни,

повторно ветрот на гранките

лекција им држи

и повторно лавот гордо на зајакот му `ржи.

 

Погледни,

водопадите чиниш мирно се слеваат,

но за реките тие

викотници и вреви креваат.

 

Погледни,

цвеќињата гордо и исправено стојат

но штом лутиот ветер почне со својата песна,

главите ги наведнуваат

и веднаш се смируваат.

 

Погледни,

облаците по цел ден се гонат

на различни форми се делат,

и за чист воздух се молат.

 

Погледни,

повторно убавината на природата

во човечките очи се влева,

но природата дозволува

и по некоја солза

на секое лице да се слева.

 

Марија Христоска VII2 одд. ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп

Loading