И ТУТУНАРИТЕ ПОРАНО СО ПАРИТЕ И ОТКУПУВАЧИТЕ СО РОДОТ

Забрзан откуп на тутунот

–  Просечната откупна цена минува 190 денари од килограм

Tutunot ke se priberi pred mart

Половина од годинашниот род на тутунот веќе е прибран од откупувачите. Тутунарите тријат раце, оти, откупот минува без проблеми. Реколтата е со висок квалитет, а тоа значи повисока цена и повеќе пари за производителите. Засега, тутунарите немаат забелешки на проценката на класите. На нивните сметки веќе се слеани над 20 милиони евра.

– Реколтата е квалитетна, ние гарантираме дека односот меѓу откупувачите и тутунарите ќе биде во најдобар ред – вели директорот на Државниот инспекторат Цветан Трипуновски.

Дека сé се одвива во најдобар ред говори и фактот дека за еден месец се откупени повеќе од 10 илјади тони тутун, што е половина од очекуваната годинешна продукција.

Просечната цена е 190,8 денари, за 8,8 денари повисока од лани, кога изнесуваше 182 денара по килограм.

– Тутунот има висок квалитет и на задоволство на сите, особено на производителите, согласно проценката и верифицираните мостри, цената е задоволителна – вели заменик – министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.

Досега се исплатени 70 отсто од преземените количества или  над 20 милиони евра.

Ако се има предвид дека субвенциите за тутунот изнесуваат 60 денари за килограм, производителите добиваат по 250 денари за килограм тутун.

– Квалитетот е висок и се очекува и повисока просечна цена од 190 денари за килограм тутун за  годинешната реколта која тежи околу 20 илјади тони. За да се стимулираат тутунарите ќе продолжи потрагата по нови начини за поттикнување на производството на оваа култура. И откупните фирми треба да ги зголемат цените за следната реколта – вели претседателот Данчо Милески на Сојузот на тутунски здруженија.

Годинава договор за откуп потпишаа 10 компании кои располагаат со средства за исплата на преземените количества. Тутунскиот комбинат планира да откупи околу три илјади тони тутун од четири илјади кооперанти.

– Средствата се обезбедени. Годинава побарувачката на тутун е поголема од понудата. Затоа исплатата се врши најдоцна до 7 дена, иако во договорите е предвиден рок од 30 дена – објаснува директорот на Комбинатот, Александар Дерменџиев.

Годинава производството опадна, но порасна квалитетот. Евидентирани се околу 29 илјади семејства на тутунари или околу шест

илјади помалку во споредба со лани. Сепак, тутунот останува стратешка култура, бидејќи учествува со околу 30 проценти во извозот од земјоделскиот сектор. Македонија има поволни климатски услови за производство на тутун, а тоа има и големо економско и социјално значење за земјава.

Дека тутунското стопанство е атрактивно во земјава сведочи новата инвестиција во оваа област на грчката компанија Секе во Крушево. Сопствениците планираат постепено да дојдат до откуп и преработка на четири илјади тони.

Секе ќе отвори нови 300 работни места во Крушево и Прилеп во инвестицијата од пет милиони евра.     

Loading