Предвремените парламентарни избори минаа во фер и демократска атмосфера
Победа на ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандат за 12-тиот собраниски состав. СДСМ освои 49 пратенички места. Излезноста достигнала 66,82 насто, односно гласале 1.191.521 македонски државјанин со право на глас. ВМРО-ДПМНЕ има 454 илјади гласови или 38,12 насто додека СДСМ, околу 436 илјади или 36,66 насто. Останатите мандати во законодавниот дом се прераспределуваат меѓу ДУИ, БЕСА, Алијансата и ДПА. Ова се првичните резултати кои ги соопшти Државната изборна комисија.
– Распределбата на мандатите за овие избори е следната: ВМРО-ДПМНЕ 51 мандат, ДПА 2 мандата, ДУИ 10 мандати, СДСМ 49 мандати, Алијанса за албанците 3 мандати, БЕСА 5 мандати – изјави претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.
Во 4-та изборна единица беше регистрирана највисока излезност од 75% каде се одвиваше и изборното соочување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ зошто носители на листите беа лидерите Груевски и Заев.
Изборите на 11 декември генерално беа оценети и од домашната и од меѓународната јавност дека минаа во фер и демократска атмосфера. Изборниот ден помина без забелешки од ниту една политичка партија. Немаше никаква интервенција на полицијата за спречување или нарушување на гласањето.
Конечните резултати, ДИК ќе ги објавува откако ќе заврши целата постапка за приговори.
До затворањето на весников, ДИК ги разгледуваше поднесените приговори од подносителите на листи на мандати за постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите.
ГОЛЕМА ИЗЛЕЗНОСТ ВО ПРИЛЕП
Во 4 ИЕ ВМРО – ДПМНЕ и коалиционите партии освоиле 101.617 гласови или 47,96%. Опозициската СДСМ и колацицијата пак 94.780 или 44,73%. Гласале 211.897 граѓани, а излезноста била 75 отсто.
Според симулацијата на мандатите кои ги направи ДИК, според првичните резултати во ИЕ 4 ВМРО-ДПМНЕ и др. има 10 пратенички места, а толку и СДСМ и др.