ОД ЧОВЕЧИЊА ДО ГОРДИ ЛИЧНОСТИ

Dr. Johan GjorgjioskiТешките одлуки со кои се соочуваме на клучни крстопати не смееме да продолжиме да ги решаваме преку нивна поделба на приватни проблеми за кои сме исклучително лично заинтересирани и општествени проблеми за кои „ние не сме повикани да мислиме, ниту пак можеме нешто конкретно да направиме“.

Не би требало да ни паѓа најтешко личното измачување при донесувањето на правилни и долгорочно издржани одлуки, (како достоинствено излегување на избори, храбро справување со притисоците од надвор и од внатре и слободно гласање според свои лични ставови и убедувања), колку што треба да ни биде приоритетна одговорноста за последиците од нашите одлуки. Во спротивно, нашето делување е одраз на ментална некултура, но исто така и на општествена и лична неодговорност. Зошто?

Најпрвин, затоа што приватните проблеми и општествените проблеми никогаш не се одделени едно од друго. Ниту еден човек не е остров, доволен сам на себе и за себе. Секој од нас влијае врз општеството, и врз секој од нас влијае општеството. Менталната некултура манифестирана низ севкупната незаинтересираност, пасивност и инертност, придонесува да застануваме и застрануваме на патот до вистинските одлуки кои едновремено се добри и за сегашните и за идните генерации. 

Важна е улогата на психијатрите во објективното соочување со актуелната ментална култура и во подигнувањето на нивото на менталната култура, сфатено како способност да се оцени и избере меѓу тоа што е општествено оправдано и одговорно, наспроти неоправданото и неодговорното. Моето лично убедување во голем дел се поклопува со мислењето и ангажманот на еминентниот професор Миро Јаковљевиќ, кој истакнува дека улогата на психијатарот како одговорна општествена личност не завршува во амбулантата, во работата со неговите пациенти, туку дека неговата улога во средината каде живее мора да биде активна и насочена кон подобрување на квалитетот на менталната култура на заедницата на која и припаѓа. За да ја исполни таа улога психијатарот е неопходно да стекне темелни знаења од сите обласи, поврзани со човековата душа и страдањата со кои се соочува современата личност на индивидуален и на групен план.

Психијатарот, со своето професионално и искуствено знаење за човекот и општеството може да биде многу значаен и корисен тимски играч, во улогата на коректор во општеството кој ќе ги демаскира противниците на естетските, етичките и духовните вредности, кои ќе настапуваат како поединци или општествени групи како екстремни и корумпирани политички партии и нивни лидери или фундаменталистички националистички или религиозни групи и нивни фанатични предводници. Истовремено, ваквата улога и нејзиното (не)исполнување претставува и тест за менталната култура, не само на психијатрите, туку и на сите други граѓани со општествената одговорност: просветните, здравствените и медиумските работници, уметниците, интелектуалците и тн.  

Објективните и масовни јавни трибини, анализи, полемики и дебати, водени од компетентни стручни и доблесни психијатри, психолози, социолози, педагози, политиколози…, поддржани од јавните медиуми како објективен јавен сервис во одбрана на вистината и заедничкиот интерес би овозможиле појасно, поадекватно и посигурно разрешување на социјални и егзистенцијални, но пред се културни, морални, етички, естестски, душевни и духовни потреби и тешкотии на граѓаните, кои заслужуваат да им се вреднуваат потребите и предизвиците за подобро утре во единствената нивна земја, Македонија.

За жал, во втората декада од 21 век наместо медиумите да им бидат сервис на граѓаните, тие се повеќе се инструмент во рацете на се поавторитарната власт. Стекнувањето со огромна моќ на политички, економски и социјален план им овозможува големи погодности на лидерите на политичките партии и нивно моќно кокетирање со јавното мислење и стекнување на неограничена и неконтролирана власт. Наместо да се искористат квалитетните човечки ресурси на амбициозни и способни кадри од студентите кои завршиле на нашите факултети и од надарени млади личности кои студирале, магистрирале или докторирале на познати универзитети во светот, во државните и политичките органи се користат исклучиво свои послушници, со што го потврдуваат екстремниот нарцизам од кој е опасно инфицирана. Наместо да дозволи да се слушнат други квалитетни и критички мислења, лидерите и нивните послушници си тераат самобендисано по „нивниот пат на вистината“, на кој важи монополот на ,,знаци на вината и вистината,,.

Светот околу нас сите заедно можеме и мораме активно да го менуваме во подобро место за живеење на сите . Во меѓусебните релации да се поттикнуваме да стануваме подобри личности, со квалитетни знаења и правилни предизвици кои никогаш не се на нечија штета.

Да ги искористуваме сите прилики во кои можеме да се збогатуваме со нови и корисни знаења, да не забораваме никогаш на своето самопочитување кое е поврзано со слободата на секојдневните одлуки, неуморно да работиме на подигнување на личната и заедничка ментална култура и, пред се, да си веруваме на самите себеси. Да бидеме гордо исправени пред нашите предци и потомци, обидувајќи се за промена. Сами да правиме лични избори сеедно за што ќе одлучуваме во иднина. Да станеме лидери на својот живот. Само преку подигнување на потребното ниво на индивидуална и општестваната менталната култура ќе можеме сите (не само лидерите) да живееме поубаво и поисполнето.

Лекар специјалист – психијатар

Јохан Ѓорѓиоски

Loading