И МАЖИТЕ И ДЕВОЈКИТЕ СЕ БОРАТ ЗА ЕВРОПА

Ракомет: Возбудливи се настапите на Прилеп

– Двата тима се четврти на табелата

Ekipata na Prilep

Без оглед на квалитетот, кој може да биде и подобар, двата највисоки ранга во машката и женската конкуренција есенва нудат многу возбудувања. За ракометните љубители најбитно е што двата тима на Прилеп, машкиот и женскиот, се борат за висок пласман, со кој се излегува во Европа. Тоа не е ново, ако се земе предвид дека машкиот тим во септември имаше настап во купот на ЕХФ, а женската екипа пред три години се претстави во истиот куп, но под името Жито Прилеп.

Осмото коло од Женската лига го донесе долгоочекуваното дерби Прилеп – Куманово. Домашните, поддржани од публиката, се бореа за трите бода, но без успех. На крајот беше 21-27 (9-14). Резултатот кажува дека гостинките беа подобри. Триумфот го обезбедија уште во првото полувреме, најмногу благодарение на незадржливата Пеовска, највисока ракометарка, која даде 10 гола. Во екипата на Прилеп, Јованоска, Саздова и Крстевска постигнаа по 6, Камческа 2, Митревска 1 гол, а голманката Дурланова попусто имаше 16 одбранети удари. Гостите ја заслужија победата, а Мечот треба да биде поука за домашниот состав да ги поправа слабостите. Беа наивно примени повеќе голови, а во нападот неискористени зицери. Во еден период, со две ракометарки повеќе наместо да се дадат, беа примени два гола. Од екипата отсуствуваше стружанката Ристовска. Покрај поразот, реални се шансите за задржување на четвртото место, кое води во Европа. Во следното коло тимот на Рубин Богојески е слободен, а потоа е дербито кое може да се добие, со Пелистер во Битола. Табела: Металург 18, Вардар и Куманово 15, Прилеп, Пелистер и Овче Поле 6, Гевгелија 3.

Машката екипа на Прилеп играше со солидниот тим на Борец, кого го совлада со 33-30 (16-13). Од првата до последната минута домашните водеа, но тоа не гарантираше победа, бидејќи велешаните се бореа и не се предаваа. И кога на полувреме беше три разлика, и подоцна пет, не беше завршена работата. Сепак на крајот убедлив триумф за Прилеп.

Во составот на Томче Петрески беа голманите Рајчиќ и Трајковски, а стрелец на мечот беше Орјоникидзе со 9 гола. Ангеловски даде 7, Петкоски, Петрески и Бозароски по 4, Тренчевски 3, а Ѓорѓиески 2. Претстои пауза поради репрезентацијата, а следниот меч е на 12 ноември со Металург во Скопје.

Табела: Охрид 19. Еурофарм и Пелистер 16, Прилеп 15, Металург 14, Радовиш и Пролет 13, Борец 5, Вардар ј. 4, Работнички 0.

Loading